23/04/2024
Македонија

Собранието на РМ ја донесе Националната стратегија за култура на Р. Македонија за 2018-2022 година

На продолжението на 40-та седница одржана вчера, Собранието на Република Македонија ја донесе Национална стратегија за култура на РМ за периодот 2018-2022 година…

Во текот на расправата, пратениците од владејачкото мнозинство оценија дека станува збор за стратешки документ, кој е визија и рамка за демократски, плурален, секуларен и рамномерен развој на културата. Во своето обраќање по повод Националната стратегија, министерот за култура Роберт Алаѓозовски потсети на нереализираната законска обврска на претходната власт за донесување на овој стратешки документ што е есенцијален во насока на развојот на културата во земјава. Според министерот Алаѓозовски, примени се сите забелешки од дебатите што беа организирани во изминатиот период, а по јавната расправа во Собранието работна група утврдила и прифатила девет амандмани.

„Стратегијата за култура е еден поопшт документ и таа одредени ситуации ги анализира подетални рамки, а одредени поопшто. Ако речеме дека музичко-сценските активности сме го опфатиле и танцот, дека размислуваме и за носење нов закон за театар и тоа е доволно да стои затоа што подоцна онака како што ќе се одвива акцискиот план, работата во работните групи и повторно јавната расправа, значи дека ќе можеме да ја вклучиме јавноста понатаму“, истакна Алаѓозовски пред пратениците.

Во текстот на Национална стратегија за култура на Република Македонија за периодот 2018-2022 година, помеѓу останатото, предвидени се реформи на Министерството за култура и ревитализација на институциите на културата заради независно и ефикасно работење, измени во законската рамка, развивање интерсекторска соработка, воведување современи модели на финансирање во културата, мерки за децентрализација и деметрополизација на културата, заштита на културното наследство итн.