29/03/2024
Македонија

Соопштение за неможноста за доделување на Државната награда „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ за 2017 година

Министерството за култура на Република Македонија ја известува јавноста дека поради неспроведување на процедурата од страна на Комисијата за избори и именувања и Собранието на Република Македонија за избор на Одборот за доделување на Државната награда „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ за 2017 година, којшто требаше да го распише Конкурсот и да ги спроведе постапките за избор на наградените, годинава оваа државна награда не може да се додели.

Имено, Министерството за култура како носител на стручните и административните работи, а заради навремено реализирање на постапката за доделување на наградата (рокот за распишување на конкурсот – октомври, поднесување иницијативи и формирање на стручни комисии и тела), преку Одделението за државни награди покрена иницијатива за именување на нов состав на Одборот за доделување на државната награда “Мито Хаџи Василев – Јасмин” со бр.16-7708/1 од 21.8.2017 година.

Со оглед на фактот дека во почетокот на август беа распишани Локалните избори 2017, а според укажувањата на Државната комисијата за спречување на корупцијата, Собранието на Република Македонија ги прекина парламентарните седници и комисиските расправи се до завршување на изборниот период,. Со тоа се пробиени законските рокови и за конкурсот, што според Законот треба да трае од 1 до 31 октомври, како и за донесување Одлука од страна на Одборот. Поради овие причини, наградата “Мито Хаџи Василев – Јасмин” во 2017 година нема да биде доделена.

Мандатот на претходниот Одбор за доделување на оваа државна награда заврши на 9 јуни 2017 година. Претходниот состав на Собранието на Република Македонија, на 9 јуни 2015 година донесе Одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда “Мито Хаџи Василев – Јасмин” под број 08-2491/1, со времетраење на мандатот од две (2) години, врз основа на член 12, ставoви 2, 3 и 4 од Законот за државните награди и Законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди („Службен весник на РМ“ бр.52/06, 54/07 и 74/12).

Министерството за култура очекува во најскоро време Собранието на РМ да го спроведе изборот на членови на Одборот за доделување на оваа државна награда, со што нејзиното доделување за наредната година нема да биде доведено во прашање.

Основни информации за наградата

Државната наградата „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ се доделува на поединци за остварувања во областа на публицистиката и новинарството. Согласно со член 7 од Законот за државните награди и Законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди („Службен весник на Р.М.“ бр.52/06 и 54/07), во една година можат да се доделат најмногу две награди.

Награда ја доделува Одборот за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев – Јасмин“, кој го избира Собранието на Република Македонија, на предлог на Комисијата за избори и именувања. Одборот е составен од претседател и 12 члена, кој распишува конкурс и донесува Одлука за доделување на наградата. Конкурсот трае од 1 до 31 октомври.

Државната награда се врачува во Собранието на РМ на 21 декември – денот на раѓањето на Мито Хаџи Василев – Јасмин.