18/04/2024
Дебрца

Соработката на Општина Дебрца со невладините организации носи резултати

Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески оствари средба со претставници од Ботаничкото друштво од Женева. Шеснаесет научници – ботаничари направија прошетка на Белчишко Блато и се воодушевија од богатството на растителен биодиверзитет. Градоначалникот ги запозна гостите со можностите кои ги нуди блатото како за научни истражувања, така и за развој на екотуризам и за плановите на Општина Дебрца за проекти поврзани со него.

Разгледот на блатото беше овозможен од проектот „Подобрување на управувањето и одржливо користење на Белчишко Блато (Сини Вирој)“, имплементиран од здружението „Екотуризам 2016“, и канцеларијата на UNDP, а финансиран од ЕУ, односно координаторот Ѓоко Зороски и проф. д-р Бојан Симовски од шумарскиот факултет, Скопје.

Задоволни од виденото, научниците ќе ги преточат своите впечатоци во статија во нивниот годишен журнал. Тоа ќе придонесе за промоција на блатото за швајцарските туристи како екотуристички локалитет и се отвора поле за соработка со општината.

Инаку, Ботаничкото друштво од Женева е угледна организација, основана во 1875 година која се занимава со проучување на флората од Европа, организира научни екскурзии и издава научни списанија.