28/03/2024
Македонија

Состојба по обилните врнежи од дожд низ Македонија

Скопски регион

По обилните врнежи во текот на викендот во општина Сарај кај „Клучката Матка“, во близина на бензинската станица „Бис Оил“, дојде до поплавување на подвозникот. За состојбата беа известени надлежните служби за да навремено интервенираат.

Битолски регион

Во општина Демир Хисар има излевање на Река Црна на повеќе места по должината на речното корито на потегот од с.Долеци до с.Бучин. Поплавени се поголеми обработени земјоделски површини. Санирани се сите отсечени патни правци и свлечишта и во моментов се проодни.

Охридски регион

На подрачјето на општина Охрид, забележено е опаѓање на нивото на водотеците. Екипи на ЕЛС Охрид во текот на вчерашниот ден вршеа санација на одредени критични точки каде имаше излевање на реките од своите корита. Во Охрид не е забележено поплавување на станбени објекти.

Во опш.Кичево обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на реките Треска и Зајашка река како и на други помали водотеци, при што беа поплавени стотина куќи. Екипи на ЕЛС Кичево во текот на вчерашниот ден превземаа соодветни активности за санирање на состојбата. Еден дел од семејствата кои немаат услови да престојуваат во нивните домови ќе бидат сместени во спортската сала Христо Узунов каде со посредство на Центарот за социјални работи и Црвениот Крст од Кичево се обезбедени душеци за спиење, ќебиња, облека и пакети со храна.

Во опш.Струга, во населбата Плитишта забележано е поплавување на дел од улиците и дворни места.

Во опш.Македонски Брод попладнето забележано е постепено намалување на водостојот на реката Треска. Екипи на ЕЛС Македонски Брод во текот на вчерашниот ден вршеа санација на состојбата на поплавените објекти во Самоков кои беа поплавени во текот на претходната ноќ. Исто така превземени се активности за санирање на одредени критични места по течението на реката Треска.

Во с.Девич поради дефект на водоводната мрежа нема вода за пиење. Населението во текот на денот со вода беше снабдувано со цистерни.

Тетовски регион

Во опш.Тетово во текот на вчерашниот ден со багер е интервенирано на локалниот пат кој води до месноста Баниче кој беше затрупан од одрон на земја и камења. Истиот беше расчистен, но околу 20:30 часот добиено е известување дека истиот е повторно затрупан со големи карпи и земја. Од страна на РЦУК Тетово  известен е кризниот штаб на опш. Тетово од каде добиена е информација дека ќе интервенираат во утринските часови заради безбедност, затоа што патот е со многу лоша конфигурација и од едната страна има висока бездна.

Велешки регион

На ул.Коле Цветков во Велес дошло до одрон на карпа која направила штета на семејна куќа. Известени се одговорните  од ЕЛС Велес кои веднаш излегле на терен. После извршениот увид утврдено е дека се работи за приватен имот и се разгледуваат мерките кои ќе се превземат.

Исто така, во текот на вчерашниот ден на мостот кај Башино Село се закачило големо дрво на кое потоа се наталожиле пластични шишиња од околу 5 м3. Со помош на механизација наносот е исчистен и мостот е обезбеден.