Состојбата во Дебар и Центар Жупа е стабилна

Од безбедносен аспект, состојбата во Дебар и Центар Жупа каде е прогласена кризна состојба, во изминатово деноноќие е стабилна. Полициските службеници вршеа засилена деноноќна обиколка и контрола на угостителски и други јавни објекти во двете општини и приградските населби (маркети, ноќни клубови, фитнес салони), со цел доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и за сузбивање на корона вирусот, што ги презема Владата.

На терен, течат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа, се дозволува влез само на лица кои се жители на општините, а истовремено оневозможен е, односно строго забранет излез на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Нема проблеми во однос на дотур на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.

СВР Охрид упатува апел до сите граѓани на Дебар и Центар Жупа, но и до граѓаните на општините Струга, Охрид и Кичево, строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречување на ширењето на корона вирусот (COVID-19).

Сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.