23/04/2024
Охрид

Специјален телефонски број за поголема безбедност на планина

На прес конференција што денес се одржа во зградата на општина Охрид беше објавен и промовиран скратен број 13 112 за СОС повици кон планинската спасителна служба. Со тоа Охридскиот регион станува пионер во државава во воведување на побезбеден систем при движење на планина.

Според в.д. градоначалникот Константин Георгиевски станува збор за проект кој битно допринесува во развојот на планинарството како рекреативен спорт од една страна и развој на планинскиот и алтернативен туризам како сериозна стопанска гранка од друга страна.

„Охрид може високо да се позиционира на светската туристичка мапа доколку туристички пулсира во текот на целата година, а не само во лето. Нашите стремежи се токму тоа со низа содржини и претходно предвидени проекти да развиваме, авантуристички, здравствен конгресен и други видови туризам. Нема сериозен развој на планинскиот и алтернативен туризам без зголемување на безбедноста при движење на планина. Затоа проекти од ваков тип се многу битни за сите нас. Сведоци сме на неколку немили настани низ македонските планини во изминатите години. Безбедноста при движење на планина е она кон кое сите се стремиме , а токму воведувањето на телефонскиот број за СОС повици многу допринесува во таа насока. Како општина и понатака ќе подржуваме и ќе создаваме услови за развој и на други проекти кои ќе овозможат развој на различни видови туризам. Тогаш кога сите ние ќе сфатиме дека туризмот навлегува во сите пори од приватниот и општествениот живот на локално и државно ниво и кога сите во своите сегменти на дејствување ќе допринесуваме во развој на различните видови туризам ќе успееме да го изградиме Охрид во сериозна туристичка дестинација посакувана за туристи од цел Свет.“ – истакна Георгиевски кој посочи дека Центарот за управување со кризи на Р. Македонија во моментов работи на имплементација на еден единствен СОС број којшто ќе ги интегрира сите итни служби во Р. Македонија за коишто има добиено грант.

„Ќе има еден центар во Скопје и осум градови во Македонија во кои влегува и Охрид. Во фаза сме на изнаоѓање на просторно решение за сместување на тој центар кој ќе биде во старата касарна „Михајло Апостолски“каде ќе се дислоцираат пожарната и полиција. Кога тој центар ќе профункционира овој број 13 којшто е префикс при СОС повик кон планинската спасителна служба ќе се тргне и ќе остане само 112 што значи дека и планинската спасителна служба ќе биде интегрирана во целиот тој систем којшто ќе го раководи еден центар во Скопје под раководство на Центарот за управување со кризи.“ – додаде Георгиевски.

Антонио Додески од спасувачката служба на планина при Црвен Крст укажа на важноста на проектот и посочи дека во тек се градежните активности за оформување на центарот за спасување на планина каде ќе бидат сместени тренинг и оперативниот центар.

„Понатаму ќе работиме на уште поиновативни начини за брзо повикување помош и лоцирање преку развивање мобилна апликација за паметните телефони, преку посебен софтвер со којшто ќе ги детектираме локациите на местото на несреќа. Но во овој момент како прв чекор во пресрет на туристичка сезона е точно овој број кој го промовираме денес.“ – подвлече Додески.

Претседателот на Црвен Крст – Охрид, Сашо Точко истакна дека проектот е резултат на добрата соработка на спасувачките служби со сите надлежни институции, пред се со покојниот градоначалник Стојаноски и со актуелниот кои дале безрезервна поддршка во реализација но овој проект.

Телефонскиот број за СОС повици во случај на планинска несреќа е дел од проектот „Регионот Охридско Езеро – безбедна дестинација за авантуристички туризам и е финансиран од Европската Унија.