Сподели го твоето наследство – Отворен конкурс за видео слем поезија

ХАЕМУС во соработка со Поетри Слем Македонија го отвори конкурсот за доставување на видео со слем поезија на тема „Сподели го твоето наследство“. Настанот ќе се одвива онлајн на 18.04.2020.

„Независно дали се работи за локалитети, пејзажи, практики (обичаи) или збирки (артефакти и/или уметност), со оваа тема е опфатено разновидното културно наследството и нашата колективна одговорност да го заштитиме, презентираме и да го пренесеме на следните поколенија неговото значење и неговата вредност. Ги поттикнуваме поетите и поетесите да го истражат она коешто ги инспирира од одредено културно наследство кое е од особена важност за нив лично или за местото каде живеат и да ја споделат нивната поезија со јавноста поттикувајќи дискусија и дијалог.“ – велат од ХАЕМУС.

Идејата за интерактивниот онлајн настан “Сподели го твоето наследство“ е инспирирана од овогодишната тема „Заеднички култури, заедничко наследство, заедничка одговорност“, повод „Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите“ кој секоја година се одбележува на 18 април. Целта е преку употребата на алатките на новите медиуми да се подигне свесноста за културно наследство коешто нѐ отопкружува, за неговото значење и одговорноста која ја имаме како општество.