23/04/2024
Охрид

Средба на членови на Здружението „Инклузија“ со НВО од Србија, Хрватска, Португалија, Италија и Словачка

Во текот на изминатиот викенд, членовите на здружението за мултикултурна интеграција “Инклузија” од Охрид, беа домаќини на состанок со претставници од невладини организации од Србија, Хрватска, Португалија, Италија и Словачка.

Координативната средба се одржа како почетна активност во рамките на Erasmus plus проектот “3Е – It’s time to act”. Целта е насочена кон зајакнување, претприемништво и вработливост на младите луѓе, со помалку можности.

Се предвидува реализација на повеќе настани на оваа тема, а главна активност ќе биде реализацијата на младинскиот камп кој ќе се одржи на почетокот на месец декември во Охрид и на кој учество ќе земат 40 млади и младински работници од погоре наведените земји.

“Инклузија” е носечка организација за Македонија, заедно со центарот за доживотно образование “Едуфонс” од Нови Бечеј, Србија и волонтерската асоцијација “Грамигна” од Беневенто, Италија.

Како партнери се јавуваат и “Интерактива” од Осијек, Хрватска, “SYTEV” – Словачка младина за патување, образование и волонтерство и “Inspira” од Карвела, Португалија.

Согласно очекувањата и динамиката на имплементација на предвидените активности, предвидено е проектот да финишира кон крајот на март наредната година.

Истовремено, средбата беше искористена и за потпишување меморандуми за соработка со сите погоре наведени чинители, во насока на креирање и спроведување квалитетни идеи и решенија за подобрување на квалитетот на живот на младиот човек во сите општини на делување на организациите.