19/04/2024
Охрид

Средба на градоначалникот Стојаноски со концесионерите на охридските плажи

Денес на иницијатива на градоначалникот Јован Стојаноски, се одржа средба со концесионерите на охридските плажи. Во пресрет на летната сезона, градоначалникот Стојаноски ги информира закупците на плажите, дека ќе се спроведе нова процедура околу идните услови за работа. Во таа мисла, беа посочени два услови кои ќе треба да бидат задоволени за успешно завршување на целата процедура: ново урбанистичко планирање и решавање на новите ситуации со имотно правните односи, произлезени од процесот на денационализација на одредени катастарски парцели. Градоначалникот Стојаноски ги информира присутните дека за плажите од централното градско јадро, Потпеш, Канео и плажата во Воска, нема никакви формално правни пречки  и тие можат веднаш да  бидат дадени на јавно наддавање.

Повеќето од закупците на средбата ги истакнаа нивните барања за надокнада на штета, предизвикана од поплавите во 2010 година и можноста за непосредна спогодба, како и зголемувањење на времетрањето на договорот за закуп, кој во моментов е со рок од 5 години.

Градоначалникот Стојаноски истакна дека нивните барања ќе бидат внимателно разгледани, а одредени законски измени би биле поизвесни, доколку закупците делуваат организирано во асоцијација, која по институционален пат поуспешно би ги застапувала нивните права. 
Договорено беше наредната средба да се одржи по две седмици, за сите поподготвено да ја пречекаат новата летна сезона.