20/04/2024
Македонија

Средба на министерот Димитров со пратеникот на германскиот Бундестаг, Фолкмар Клајн

Mинистерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денеска оствари средба со Фолкмар Клајн, пратеник во германскиот Бундестаг од редовите на владејачката ЦДУ. Министерот Димитров изрази посебна благодарност за исклучително силната и активна поддршка на Берлин во однос на трасирањето на нашиот европски пат и почетокот на пристапните преговори со НАТО и значајната улога што германскиот Бундестаг ја зазема во таа насока. Димитров го информираше својот соговорник и за актуелната ситуација во државата, текот на реформските процеси и чекорите што претстојат за имплементација на постигнатиот Договор за решавање на билатералниот спор со соседна Грција.

SAM 5988

Пратеникот Клајн го поздрави постигнатиот Договор со Грција, потенцирајќи дека решавањето на ова долгогодишно прашање не е само интерес на граѓаните на Република Македонија, туку и поттик за добрососедските односи и придобивка за развојот и стабилноста на Регионот и Европа. Од страна на Клајн беше повторена и определбата на Бундестагот за унапредување на заемната соработка, како значајна нишка во процесот на приближување на нашата земја кон Европската Унија и НАТО.