25/04/2024
Македонија

Средба на министерот Спасовски со Бејтуш Гаши, министер за внатрешни работи на Република Косово

Денес Министерот за внатрешни работи на Република Македонија Оливер Спасовски оствари средба со Бејтуш Гаши, министер за внатрешни работи на Република Косово.

Досегашната соработка помеѓу двете министерства е оценета како успешна, и на политичко и на оперативно ниво. Министрите разговараа за превземање на понатамошни активности за олеснување и подобрување на протокот на патници на граничните премини помеѓу двете држави. Интерес на двете министерства е унапредување и продлабочување на билатералната полициска соработка со цел да се зајакне борбата против организираниот криминал и другите облици на криминално дејствување.

Министерот Спасовски ги презентираше досегашните искуства и работа на Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди кои се насочени кон утврдување на непрофесионално и незаконито постапување на полициските службеници и вработените во Министерството за внатрешни работи. Тој посочи дека Одделот соработува и со граѓанските организации и Народниот правобранител и го запозна својот колега со новиот модел на воспоставување на независен надворешен механизам за контрола над полициското работење.

Министрите се договорија во претстојниот период да се спроведат заеднички посети и средби на експертско ниво, во интерес на унапредување на постојната соработка и заедничко справување со глобалните безбедносни и сигурносни закани.