20/04/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со амбасадорот Родригез

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Педро Пабло Сан Хорхе Родригез, нерезидентен амбасадор на Куба за Република Македонија, кој го завршува својот мандат.

На средбата се разговараше за политичката ситуација во двете држави, како и за можностите за унапредување на економската соработка помеѓу Македонија и Куба.

Кубанскиот амбасадор Родригез пренесе интерес за економско поврзување на двете држави, а разговарано е и за политичка поддршка на економската соработка од двете страни.

На состанокот е констатирано дека со заокружувањето на интеграциските процеси на Македонија, се создаваат можности за развој на економските односи и за инвестиции.

Премиерот Заев информираше дека се во тек разговори со пратениците во врска со потребните уставни измени, коишто отвораат пат Македонија да стане членка на НАТО и да почне преговори со ЕУ, следната година.

– Мислам дека има свесност, дека секој треба да понесе одговорност овој процес во Парламентот да успее, затоа што никој и нема одговор за друг начин. Се надевам дека институциите ќе бидат одговорни кон историскиот моментум што ги осигурува перспективите на Македонија во НАТО и во ЕУ. Со тоа ќе придонесеме и за стабилноста и развојот на целиот регион, рече премиерот Заев.

На средбата е оценето дека реформските процеси во Македонија и добрососедските односи се добар пример и за регионот, како и дека се отворени можностите на целиот регион за нови пазари, инвестиции и развој, доколку продолжат реформите и решавањето на билатераните прашања низ принципот на регионална стабилизација.