19/04/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со амбасадорот Тимоние

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска имаше средба со амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние.

Францускиот амбасадор, Тимоние, оцени дека Република Македонија оди во правилната насока и му соопшти на премиерот Заев дека нашата држава ја има поддршката од Република Франција во интеграциските процеси.

– Направивме историски исчекори, добиената покана за почеток на пристапни преговори со НАТО и најавениот датум за почеток на преговорите со ЕУ, за Македонија и граѓаните се почеток на реализацијата на стратешките цели, членство во Европската унија и во Алијансата, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, додаде дека остварувањето на овие цели значи стабилност и безбедност за Република Македонија, но и економија и најави дека во периодот што следува уште поактивно ќе се посвети на економскиот развој, што се отвора како перспектива од активираните евро-атлантски интеграциски процеси.

На средбата, премиерот Заев сподели со амбасадорот Тимоние позитивни впечатоци од Самиотот на НАТО, оценувајки дека позитивната енергија од Брисел е големо охрабрување на граѓаните на Македонија, во насока на квалитетен живот во својата држава.

Премиерот Заев му го соопшти на амбасадорот Тимоние очекувањето што го споделил и со францускиот претседател Макрон, за инвестиции од Франција во Македонија.

Претседателот на Владата, Заев и амбасадорот на Франција, Тимоние, разговараа и за повеќе актуелни политички прашања. Премиерот Заев рече дека силно верува во граѓаните кои на престојниот референдум ќе донесат одлука за нивна добра иднина.

Заеднички е констатирано дека за граѓаните и за Македонија е од голема важност функционирањето на правната држава.