29/03/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со чешкиот премиер Бабиш во рамки на официјална посета на земјава

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска имаше средба на официјално ниво со чешка владина делегација, предводена од премиерот на Чешката Република, Андреј Бабиш.

Изразена е отворена поддршка од Чешката Република за Република Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

На прес-конференцијата, чешкиот премиер Бабиш рече дека Чешката Република ќе направи сѐ што е можно, Република Северна Македонија најбрзо што може да почне преговори со ЕУ и да стане членка. Премиерот Бабиш констатираше дека е дојдено клучно време за нашата држава, на 9 дена пред Советот на ЕУ и изрази надеж дека Советот ќе го потврди отворањето преговори со ЕУ. Тој оцени дека нашата држава ги испорачала сите политички услови, потенцирајќи ги тука и добрососедските односи и дека европските политичари сега треба да си го одржат зборот. За премиерот Бабиш, Република Северна Македонија е најдобрата земја кандидатка за ЕУ и дека почетокот на преговори на нашата земја со ЕУ го чека целиот регион, а тоа е важно и за Европа. Премиерот Бабиш, на прес-конференцијата најави дека ќе побара од Парламентот во Чешка што поскоро да биде ратификуван и Договорот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, како и дека очекува нашата држава на Самитот во декември на Алијансата, да стане 30.полноправна членка.

Премиерот Заев на прес-конференцијата рече дека „ова е значајна официјална посета на големите пријатели на нашата држава, премиерот Андреј Бабиш и претставници на Владата на Чешката Република“, како и дека „посетата е во вистински момент, кога Република Северна Македонија ги потврдува, зацврстува и развива искрените пријателства со нашите партнери од меѓународната заедница“.

„Сакам да изразам благодарност, по средбите што ги имавме со мојот колега Андреј и чешката делегација, за поддршката што ја добивме, ова лето да добиеме датум за почеток на преговорите. Фокусот на нашата земја, но и на целиот регион и на Европа, е во реализацијата на заклучоците од Советот на ЕУ во јуни 2018 година, што го поставија патот кон отворање преговори во јуни 2019 година. Еве го јуни. Европската комисија во овогодинешниот Извештај за напредокот на државава, даде кристално јасна препорака за отпочнување преговори.

Без скромност, оценката дека нашата земја е блескав пример за целиот регион и за Европа е заслужена. Сработивме. Заедно со нашите пријатели, Република Бугарија и Република Грција ги надминавме стереотипите на решавање чувствителни билатерални прашања, тргнувајќи од појдовните точки зошто нешто не може. Внесовме нови, прогресивни, лидерски политики на возможното. Преспанскиот договор денес е повеќе од решение на долгогодишниот спор меѓу две земји. Преспанскиот договор е модел на решение на билатерални односи базирани на дијалог – клучната европска вредност којашто го обезбедува заедништвото, тоа на што е поставена и самата ЕУ.

И затоа, определувањето датум за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, ова лето, не значи само награда за нашата држава, туку и принципиелност на ЕУ.

Претстојната одлука на Советот на ЕУ, да додели датум за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ е потреба, за нашата држава, за Западен Балкан, за ЕУ“, рече премиерот Заев на прес-конференцијата.

Тој додаде дека „тоа ќе значи почитување на индивидуалните заслуги и мотивација да се продолжи напред кон вредности, а не да се враќаме назад кон национализми и популизми“.

„Тоа ќе ги охрабри и другите лидери во регионот да ги затворат отворените прашања, за да ја добијат иднината во ЕУ и да се развиваат демократски.

Ќе значи нова енергија за силен фокус кон економијата, инвестициски перспективи, регионална соработка и шанси за младите, во родните земји да ја гледаат својата иднина, наместо да се иселуваат по европските земји.

И ќе значи почеток на една поширока стабилизација, на којашто со децении чекаат и Европа и светот, но и самиот Балкан.

Еве ја шансата.

Ја испраќам од оваа наша средба денеска пораката дека ние испорачавме се што се бараше од нас – сега е на ред ЕУ да испорача, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев изрази надеж и за целосна реализација на НАТО интеграциите оваа година и потенцираше дека интеграциите за нашата држава значат економски развој.

– Би било убаво ако процедурите за ратификација во сите земји членки завршат пред Самитот на НАТО во декември 2019 година во Лондон. Тоа ќе биде одлична вест и за нас и симболичка можност за Алијансата, 70-годишнината од формирањето на НАТО да ја одбележи со официјално добредојде на 30-та земја членка. Но без разлика кога ќе завршат формалностите, јасно е дека Република Северна Македонија ќе биде 30-тата земја членка на НАТО.

Сакам да нагласам дека Република Северна Македонија ги спроведе реформите во четирите клучни области: владеењето на правото, безбедносните служби, антикорупцијата, јавната администрација. И на пат сме оваа интеграциска 2019 година, којашто ја чекавме три децении да ја направиме и економска година, за што значаен придонес имаат отворените НАТО и ЕУ перспективи. Рекордниот број на странски инвестиции, од 625 милиони евра, веќе ги даде првите видливи резултати, раст на БДП-то на 4.1 процент и ново намалување на невработеноста за 4.8 проценти.

Особено ми е драго што веќе има најави зa потенцијални чешки инвестиции. Компанијата ЧЕК ЛОКОТРАНС ќе започне со реализација на најавената инвестиција во Регионалниот центар за логистика и дистрибуција, со седиште во Скопје, за целиот регион на Западен Балкан. Инвестицијата е во областа на железничката инфраструктура со вкупна вредност од 20 милиони евра.

Ова покажува дека постои пред нас голем простор за интензивирање на економската соработка и за зајакнување на трговската размена“, рече премиерот Заев.

Тој ја потенцираше и одличната полициска соработка и изрази благодарност на Чешка за донациите дадени на МВР од околу 4 милиони евра и за постојаната поддршка на чешките полицајци во процесот на поуспешно следење и контрола на јужната граница. 

Пред прес-конференцијата имаше билатерална средба помеѓу владините делегации на двете држави, како и тет а тет средба помеѓу премиерите Заев и Бабиш. Заеднички е констатирано дека постојат можности за унапредување на економската соработка и во областа на земјоделството и здравството. 

Чешката делегација беше пречекана со топло добредојде според официјалните процедури, а двете делегации имаат и заеднички ручек.