28/03/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со францускиот амбасадор Тимоние

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, имаше средба со амбасадорот на Француската Република во земјава, Кристијан Тимоние.

На средбата е констатирано дека Франција е голем пријател на Северна Македонија и дека искреното пријателство помага во демократските и интеграциските процеси на нашата држава.

Премиерот Заев информираше за споделената определба со францускиот премиер Едуар Филип во Познањ, Полска, да се интензивираат и билатералните односи меѓу двете земји, со унапредувања во повеќе области, меѓу коишто и економијата.

На состанокот со францускиот амбасадор е разговарано и за имплементацијата на потребните реформи и за важноста од покажување одговорност од страна на сите политички субјекти и општествени чинители, за прашањата од државен интерес.

„Силно сме посветени на практична имплементација на сите донесени закони и реформски чекори. Нашата определба како Влада е, во следниот период, заедно со опозицијата, уште пофокусирано да се посветиме на решението за Законот за јавно обвинителство. Ефикасно правосудство и борба против корупцијата се двете важни области за нашата држава, којашто е европски определена и очекува исчекор во октомври во делот на евроинтеграциите“, рече премиерот Заев.  

Претседателот на Владата Заев, разговараше со францускиот амбасадор Тимоние и за економските чекори што ќе се преземат со цел зголемување на платите и пензиите и поголем економски раст, за граѓаните да почувствуваат скорешни директни бенефити во квалитетот на живот.