29/03/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со Генералниот секретар на ЦЕИ Антониони

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со Генералниот секретар на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ) Роберто Антониони, кој се наоѓа во регионална посета на земјите-членки на ЦЕИ.

Премиерот Заев, честитајќи му ја функцијата, на која Антониони стапи годинава, истакна дека улогата на ЦЕИ, како најстара регионална иницијатива за партнерство е огромна и дека Република Македонија, како земја која цели кон остварување на интегративните процеси кон ЕУ и НАТО, со задоволство партиципира во оваа иницијатива.

Запознавајќи го сенаторот Антониони со процесот на имплементација на Договорот од Преспа, по што нашата држава наскоро ќе се нарекува Република Северна Македонија, премиерот Заев подвлече дека овој Договор со нашиот сосед Грција најдобро ги покажува бенефитите од регионалната соработка која носи стабилност и безбедност за целиот регион.

Премиерот Заев искажа подготвеност да ја продлабочи и прошири соработката во регионот, посочувајќи го како позитивен пример и договорот со Република Бугарија и нагласи дека политиката на кооперативност и пријателство придонесува за зголемување на економската соработка, која е приоритет и кај земјите од Западен Балкан.

Генералниот секретар Антониони, оценувајќи го како храбар политичар, на премиерот Заев му изрази поддршка за спроведувањето на политиката на решавање на проблемите преку пријателство и соработка, понудувајќи му помош за интегративните процеси.

Претставникот на ЦЕИ, истакна дека земјите-членки на ЕУ кои ги посетил при работната турнеја, како Чешка, Словачка, Романија и Италија, изразуваат поддршка како членки на Европската Унија и ја подржуваат Република Македонија на патот кон остварување на евроинтеграциите.

Иницијативата за регионална соработка во регионот на Централна и Југоисточна Европа е формирана во 1989 година и во неа, покрај нашата земја, членуваат и Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Италија, Белорусија, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Чешка, Словенија, Србија, Украина и Унгарија.