16/04/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со градоначалникот на Атина, Каминис

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, попладнево се сретна со градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис.

Премиерот Заев и градоначалникот Каминис се согласија дека ваквите чекори на градење доверба, како што е денеска потпишаниот договор за соработка меѓу Скопје и Атина, се историски чекори на поставување мостови за соработка, што е од помош и за политичкиот процес што се води на меѓу владино ниво.

– Одговорни сме за иднината на сегашните, но и на идните генерации и треба да ги развиваме нашите пријателски односи. Скопје е најголем град во нашата држава, ќе биде од значење размената на искуства меѓу нашиот главен град и Атина во делот на позитивни практики на менаџирањето, рече премиерот Заев.

Градоначалникот на Атина, Каминис изрази разбирање за евро-атлантските аспирации на државава. Тој додаде дека е отворен прозорец на можности за владите на двете земји да најдат решение за отвореното билатерално прашање.

– Грција е една од најстарите земји членки на НАТО и на ЕУ и мора да биде лидер во обезбедувањето евро-атлантска иднина за целиот регион. Работиме и на клучните реформски процеси, градиме едно општество за сите граѓани и ќе направиме се што е до нас, да биде најдено заеднички прифатливо решение. Во меѓувреме, добро е што постои политичка волја, ќе ја зајакнуваме довербата, меѓусебната соработка и добрососедските односи, додаде премиерот Заев.

На средбата, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис се согласија и дека Балканот мора да остане стабилен и дека тоа е можно со чиста визија на лидерите и на владите, но и на другите политички субјекти во државите и општествени чинители, кон каде се оди.