19/04/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со министерот за надворешни работи на Украина, Климкин

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерката задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостоловска и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, денеска се сретна со Павло Климкин, министер за надворешни работи на Украина.

На средбата е изразена заедничка определба за значително унапредување на односите помеѓу двете држави. Констатирано е дека постои интерес за продлабочување, посебно на економската соработка. Оценето е дека се создадени услови за развој на соработката, по прогресот во нашата држава и реформските чекори што ги презема новава Влада на економски и политички план, како и надминатиот повеќегодишен застој за функционирањето на Мешовитата комисија за спроведување на договорот за слободна трговија, откако е именуван копретседавач со Комисијата, министерката Апостоловска, од страна на Владата на Република Македонија.

Министерот Климкин рече дека Владата на Република Македонија добро се справува со предизвиците на полето на реформите и добрососедските односи и дека тоа отвора пат кон евроинтеграциите на државата. Министерот Климкин исто така изрази подготвеност за политичка и експертска поддршка од Украина, а пренесе и интерес на полето на инвестициите.

„За Република Македонија евроинтеграциите се стабилност, безбедност и економија. Работиме на напредок во клучните области важни за квалитетот на живот на граѓаните и за ЕУ и НАТО. Затоа ја оценуваме 2018 за значајна година, месецов да се тргне условеноста на препораката за преговори, а потоа и исчекори на евро-атлантски план“, рече премиерот Заев.

На средбата се разговараше и за можностите за унапредување на соработката и во областа на земјоделството, енергетиката, продолжување на добрата соработка во одбраната. Потврдени се и заложбите на двете држави за демократски развој и почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет.

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев и министерот за надворешни работи на Украина, Климкин зборуваа за билатералната соработка, но и за важноста од обединета Европа на безбедносен план, што ќе се постигне со интеграциите на Македонија и на регионот.