29/03/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со министерот за надворешни работи на Литванија, Линкевичиус

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Република Литванија, Линас Линкевичиус.

На средбата е изразена поддршка од Литванија за интеграциите на Македонија во ЕУ и во НАТО. Констатирано е дека ратификацијата на Договорот од Преспа, и со тоа затворањето на речиси три децениското прашање, е одраз на големо лидерство покажано од двете страни, како и дека претставува позитивен пример на градење пријателство, не само меѓу двете земји, туку и во Европа.

Шефот на литванската дипломатија Линкевичиус кој е првиот министер за надворешни работи од земја членка на ЕУ, кој ја посетува Македонија по успешно заокружениот процес за реализација на Договорот од Преспа, најави активна поддршка во процедурите за Македонија да стане 30. земја членка на НАТО.

Исто така изразена е и оценка за остварлив позитивен исход во јуни, кога Македонија очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ. При тоа, нагласена е потребата за суштински напредок во имплементацијата на реформите, посебно во областа на правосудството и борбата против корупцијата.

-Фокусирани сме на втората фаза од реформскиот процес и на постигнување видливи резултати во имплементацијата на реформите во делот на правосудството, борбата против корупцијата, ефикасна и професионална администрација и стабилизирање на целиот државен систем. По ратификацијата на Договорот од Преспа и од страна на јужниот сосед, очекуваме да бидеме 30. земја членка на НАТО, а по резултатите што дополнително ќе ги покажеме и во реформите на домашен план, дека ќе добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ. Евро-атлантските интеграции за Македонија значат безбедност, стабилност и економски развој, но се голем придонес и во стабилноста на регионот, рече премиерот Заев.

На средбата е разговарано за можноста за примена на искуства од Литванија во делот на ИТ бизнисот, синхронизацијата на потребите на релација бизнис – индустрија – образование, во делот на сајбер технологијата и информациите.

Премиерот Заев и министерот за надворешни работи на Литванија, Линкевичиус заеднички констатираа пријателски односи меѓу Македонија и Литванија и отворени можности за развој на економската соработка.