28/03/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со потпретседателот на ЕБРД, Хајлброн во Будва

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев и министрите за економија, Крешник Бектеши и за образование и наука, Рената Дескоска во рамки на работната посета во Будва, се сретна со Пиер Хајлброн, потпретседател на ЕБРД.

Потпретседателот на ЕБРД, Хајлброн, пренесе оценка дека Европската банка за обнова и развој гледа позитивни придвижувања на развој во Република Македонија и во регионот, поради што, како што рече има зголемен број инвеститори заинтересирани за инвестирање во регионот.

Тој ги поздрави реформските заложби на премиерот Заев и на Владата и реформските процеси во Република Македонија, што придонесуваат во позитивните промени на економската клима во нашата држава и во Западен Балкан и најави натамошна поинтензивна поддршка на ЕБРД во проектите значајни за поврзување на земјите од регионот во еден поголем економски пазар, што како корисен начин на водење на политиките, почнува да се реализира.

„Новата Влада на Република Македонија е силно фокусирана да привлече што поголем број инвеститори и да придонесе кон подобар живот на граѓаните на Македонија. Свесни сме дека интересот на меѓународната економска и бизнис заедница ќе биде поголем, ако ние државите од регионот, кои не сме големи како индивидуални пазари, настапуваме заеднички. Знаеме дека е тоа важно за компаниите, за тоа се потребни услови, како што се подобра инфраструктура и меѓусебна активна комуникација и Република Македонија посветено работи на развој на добрососедскте односи во регионот. Работиме заедно на нови можности за соработка“, рече премиерот Заев.

На средбата посебно беше посветено внимание на проектите од областа на инфраструктурата што имаат поддршка од ЕБРД, а како што рече потпретседателот Хајлброн, таа поддршка ќе продолжи, посебно по позитивата клима во регионот што е забележана и поздравена и од ЕБРД и од ЕУ.

Разговарано е и за можно продлабочување на соработката во областа на земјоделството.

Средбата на премиерот Заев со потпретседателот на ЕБРД, Хајлброн беше првата активност на претседателот на Владата на Република Македонија и на владината делегација која е во Будва за Економската регионална конференција.

Конференцијата почна и за обраќањето на премиерот Заев и другите информации ќе следува дополнително соопштение за јавоста.