28/03/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со пратениците од германскиот Бундестаг Јуратовиќ и Росеман и претставници на Фридрих Еберт

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со двајца пратеници од германскиот Бундестаг, Јосип Јуратовиќ и Мартин Росеман и нивни соработници и со претставници од фондацијата Фридрих Еберт, придружувани од амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Томас Герберих.

На средбата е изразена поддршка за успешна реализација на претстојниот рефередум, како за европската и атлантската иднина што се отвора со него за Македонија и граѓаните.

Германските пратеници Јуратовиќ и Росеман ги посочија владите во Македонија и во Грција како светла точка којашто ја разбива “балканската темнина“ и покажуваат како се практикува вистинска демократија.

На состанокот беше нагласено дека демократските вредности се придобивка што е важно да ја практикуваат сите политички субјекти во државата и беше изразена надеж дека постои потенцијал за тоа кај политичките партии, независно од нивната идеолошка определеност.

Патриотите сакаат и мислат на народот, а националистите мразат и мислат на личните интереси, сега е време да го кренат гласот вистинските патриоти и да ги осигураат евро-атлантските перспективи на Македонија и економскиот стандард на граѓаните, е пораката што беше нагласена на средбата, од германската делегација.

Премиерот Заев рече дека во тек се фер, транспарентни и едукативни подготовки за гласањето на претстојниот референдум.

– Македонија и граѓаните се пред историски момент и јас сум убеден дека мнозинството граѓани ќе дадат поддршка за светла иднина на Македонија, во Европската Унија и во НАТО. Верувам во граѓаните дека ќе најдат сила да ја обезбедат својата иднина и иднината на младите кои ќе бидат мотивирани да останат да живеат, учат и работат во Македонија, наместо да си ја напуштаат родната земја, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев се заблагодари на Германија за принципиелната поддршка во обновата и практикувањето на демократијата, како и за важното стратешко партнерство на економски план, како еден од најголемите инвеститори во Македонија.

Премиерот Заев се заблагодари и на претставниците на Фондацијата Фридрих Еберт којашто ги помагаше демократските процеси во Македонија во најтешките години изминатата деценија.

Претставниците на Фондацијата Фридрих Еберт најавија дека и понатаму ќе го помагаат дијалогот и ќе ги поддржуваат демократските вредности значајни за граѓаните.

На денешната средба, од страна на премиерот Заев и Ева Елерајт од Фондацијата Фридрих Еберт, беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Фондацијата Фридрих Еберт.