28/03/2024
Охрид

Средба на претседателот Иванов со организаторите и уметниците кои ќе го отворат „Охридско лето“

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана” во Охрид, ги прими светски познатата оперска дива Елена Мошуц, тенорот Калин Братеску и диригентот Николае Молдовану, кои во придружба на оркестарот на Македонска филхармонија, ќе настапат на отворањето на 58. издание на „Охридско лето” како и организаторите на фестивалот.

Во пресрет на утрешното отворање на „Охридско лето”, македонскиот претседател изрази задоволство од годинешната богата програма, истакнувајќи дека овој престижен македонски фестивал континуирано дава придонес за промовирање на македонската култура, музика и уметност во светот и истовремено, најзначајните светски музички достигнувања ги носи пред македонската публика.

Претседателот Иванов го поздрави учеството на врвните музички уметници од Романија, оперската пејачка, Елена Мошуц, тенорот Калин Братеску и диригентот Николае Молдовану, и им посака успешен настап на утрешното отворање на фестивалот.

Македонскиот претседател посочи дека Охрид, како место со долга духовна и културна традиција, преку фестивалот „Охридско лето” уште повеќе ја збогатува туристичката понуда на градот.

Заблагодарувајќи се за средбата со македонскиот претседател, музичките уметници изразија задоволство за поканата и од престојот во Македонија, како и за можноста да настапат на овој популарен фестивал во Европа.

На средбата, организаторите на фестивалот го информираа претседателот Иванов за текот на активностите и за годинешната програма на фестивалот „Охридско Лето”, во кој се содржани над 45 настапи на домашни и странски уметници, меѓу кои над 35 музички настапи, 8 театарски претстави и неколку уметнички изложби.

Република Македонија и Охрид до 20-ти август ќе бидат домаќини на над 800 врвни уметници, изведувачи и автори од 27 земји од целиот свет, и тоа од Велика Британија, Канада, Русија, Шпанија, Италија Романија, Франција, Полска и други.

Манифестацијата „Охридско лето” традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија.
ohridsko_leto_ucesnici_02