19/04/2024
Македонија

Средба на претседателот Заев со партијата на Социјалдемократите во Словенија

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и премиер, Зоран Заев, на маргините на официјалната посета на Република Словенија оствари средба со делегација на партијата на Социјалдемократите во Словенија, што ја предводеше претседателот Дејан Жидан, кој воедно е и Заменик претседател во Владата на Република Словенија и министер за земјоделство, шумарство и храна.

На средбата присуствуваа членови на највисоките раководни тела на СДСМ, и министри, потпретседателот Оливер Спасовски, членовите на ИО, Љупчо Николовски и Едмонд Адеми, како и членовите на раководството на СД на Словенија, Матјаж Хан, шеф на пратеничката група на СД во Државниот збор на Словенија, Матјаж Немец, потпретседателот на Државниот збор, и Мартина Вук, државна секретарка во Министерството за труд, социјална политика и еднакви можности.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев им се заблагодари на колегите на СД од Словенија за досегашната соработка, како и на поддршката што доаѓа во континуитет и од сестринската партија, и од Република Словенија во целост.

Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев ги запозна словенечките колеги од СД за отпочнатите реформски процеси во Република Македонија и ги информираше дека во владината коалиција што ја предводи СДСМ постои консензус за неопходните длабоки промени што претстојат во повеќе суштински сфери за враќање на довербата во институциите, за реафирамиција на владеењето на правото и на правната држава и подобрување на животниот стандард на сите граѓани.

Делегацијата на СД на Словенија им честиташе на своите колеги од СДСМ на успехот на последните локални избори во Република Македонија и изразија увереност дека сега Владата предводена од СДСМ има потполна доверба од граѓаните за отпочнатите реформски процеси.

Од сестринската партија на СДСМ од Словенија на средбата нагласија дека тие и понатаму ќе продолжат да ја поддржуваат партијата од Република Македонија со која активно соработуваат и во европската заедница на социјалдемократските партии и дека остануваат верен поддржувач на политиките на нашата земја за членство во ЕУ и НАТО.