28/03/2024
Македонија

Средба на Заев со Демократската партија на Турците во Македонија

Заеднички претседателски кандидат, којшто ќе ја обедини цела држава и граѓаните, независно од националната или верската припадност, беше тема на разговор на денешната средба што ја имаше претседателот на СДСМ Зоран Заев со претседателот на Демократската партија на Турците во Македонија Бејџан Илјас.

На состанокот присуствуваа и Александар Кирацовски генерален секретар на СДСМ и Миле Зечевиќ организациски секретар на партијата, како и пратеникот од ДПТ Јусуф Хасани и партискиот генерален секретар Енвер Хусеин.

Претседателите на двете партии констатираа дека има заемна желба за заеднички настап и се согласија дека за иднината на Република Северна Македонија е од исклучително значење да се дојде до заеднички кандидат за претседателските избори, кој ќе промовира единство, рамноправност и стабилност на земјата.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев нагласи дека партиските консултации околу обезбедување поддршка на заеднички претседателски кандидат веќе привршуваат и се одвиваат во позитивна насока. Тој изрази задоволство од подготвеноста на партиите и во рамките на Коалицијата што ја предводи СДСМ, но и од останатите партии да се обединат околу еден заеднички претседателски кандидат.

Претседателот на ДПТМ Бејџан Илјас изрази уверување дека СДСМ преку внатрепартиските разговори, но и преку преговорите со останатите парламентарни и вонпарламентарни партии ќе дојде до најдобриот кандидат за претседателските избори. Тој најави дека ДПТМ активно ќе се вклучи во предизборната кампања, особено за промоција на претседателскиот кандидат кај припадниците на турската етничка заедница.