19/04/2024
Охрид

Средба со жителите од Љубаништа

Во просториите на домот, синоќа, се одржа средба помеѓу жителите од месната заедница Љубаништа и претставници од општина Охрид. На средбата се разговараше за проблемите и потребите на жителите како и идеи за нивно што поскоро решавање.

Жителите од Љубаништа, како најприоритетни ги издвоија изградба на канализација за одведување и прочистување на вода, доизградба на водоводната мрежа со изградба на каптажа и нов резервоар, асфалтирање на патчиња, поставување на ограда на селските гробишта, како и поставување на дополнително улично осветлување.

Од страна на секретарот на општина Охрид, Игор Бежоски, им беше посочено дека во моментов веќе се работи на документацијата за изградба на канализациона мрежа што е предвидено да ги опфаќа селото и автокампот Љубаништа како и комплексот и кампот Св. Наум. Во однос на изградбата на новата каптажа и резервоар, секретарот образложи дека ќе се пристапи кон подготвителната фаза за прибирање документација по што ќе се има јасна слика за вредноста на овој проект за понатака да се донесе одлука за негова реализација. Во однос на поставувањето на ограда на селските гробишта им беше укажано на мештаните дека во најскоро време ќе се пристапи за нејзино поставување, а реализацијата на другите инфраструктурни проекти ќе се разгледува во понатамошниот период.