24/04/2024
Македонија

Средби на министерката Шекеринска со турскиот премиер Јилдирим и министерот за надворешни работи Чавушоглу

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, во рамки на официјалната посета на Република Турција, денеска во Анкара имаше одвоени средби со премиерот, Бинали Јилдирим и со министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.

На средбата со премиерот Јилдирим, министерката Шекеринска се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка на Турција за членството на Македонија во Алијансата и ја истакна важноста од одржувањето на чести средби на раководствата на двете земји во зацврстувањето на соработката. Јилдирим потенцираше дека поддршката на Турција за членството во НАТО на Република Македонија останува непроменета и силна.

Министерката Шекеринска и министерот за надворешни работи, Чавушоглу, заеднички констатираа дека Турција ги помага и поддржува аспирациите на Македонија за членство во НАТО и дека тоа е особено важно во следните клучни месеци. Притоа Шекеринска потенцираше дека Македонија и нејзините граѓани ја ценат турската поддршка на патот кон Алијансата од самиот почеток на овој процес.

„Се надеваме дека ситуацијата од 2008 година може да се промени во оваа 2018 година. Работиме на домашните реформи и на решавањето на проблемите кои стојат на патот кон членство во НАТО“, рече министерката. Таа подвлече дека двете земји одржуваат цврсти врски во областа на одбраната и дека Македонија стои зад заклучокот на Турција дека безбедноста на Македонија е важна за регионот и пошироко. Шекеринска истакна дека политиката на отворени врати на НАТО е многу важна за Македонија и дека на тоа прашање очекуваме силна поддршка од Турција. „Добриот збор, железни врати отвора. Го очекуваме и сметаме на вашиот добар збор“, рече министерката.

Министерот Чавушоглу ја повтори безбрезервната поддршка од страна на Турција за зачленување на Македонија во НАТО и истакна дека таа ќе продолжи и на министерскиот состанок на Алијансата во април и на самитот во Брисел во јули.

Средбите со премиерот Јилдирим и министерот за надворешни работи Чавушоглу ја заокружија официјалната посета на Шекеринска на Турција која започна со средба со домаќинот, министерот за национална одбрана Нуретин Џаникли, на чија покана се реализираше престојот во Анкара.