28/03/2024
Охрид

Средби со граѓаните на Пештани, Елшани и Елешец

Градоначалникот на Охрид, Д-р Јован Стојаноски заедно со дел од своите соработници синоќа имаше средба со  жителите на село Пештани.

На  состанокот се разговараше за  решавање на урбанистички и инфраструктурни проблеми.  Пештанци  покажаа  посебен интерес за решавање на деветгодишниот проблем којшто се однесува на донесување детален урбанистички план, а беше побарано и проширување или дислокација на гробиштата. Се разгледуваа и можностите за доуредување на езерскиот кеј, асфалтирање и поплочување на дел од уличките.

Претходно секретарот на општина Охрид, Игор Бежоски со претставници од надлежните општински служби и дел од директорите на јавните претпријатија имаше средба со мештаните на урбаните заедници Елшани и Елешец.   На средбата беше побарано реконструкција на кровот на подрачното училиште на ОУ „Св. Наум Охридски“ при што беше укажано дека поради несредени имотно првани проблеми нема можност за брза интервенција. Меѓу другото се разговараше и за изградба и реконструкција на потпорни ѕидови во ова село.

Во рамки на предвидените средби, вечерва претставници  од општина Охрид ќе ги посетат месните заедници Трпејца и Љубаништа.