20/04/2024
Охрид

Средби со граѓаните од урбаните заедници „8.Септември“ и „ Железничка“

Граѓаните од Урбаните заедници 9 и 13-  „8.Септември“ и „Железничка“ синоќа имаа средби со секретарот на општина Охрид Игор Бежоски и дел од раководителите во локалната администрација. На средбите, кои се дел од однапред јаво објавениот распоред на градоначалникот Д-р Јован Стојаноски за директен контакт со граѓаните од месните и урбаните заедници, се разговараше главно за комуналните проблеми и нивното решавање.

Граѓаните по поставените прашања добија одговори од претставниците на Локалната самоуправа за динамиката на анализирање и текот на постапките за решавање на проблемите. Во врска со бројните прашања поврзани со состојбата и безбедноста на улицата „Железничка“ , беше објаснето дека се работи за комплексен проблем кој ситематски и етапно ќе се решава. Се прават интензивни напори, како што беше речено, централната власт за кусо време да изгради обиколница од Косел до Требеништа, со што „Железничка“ ќе се растовари од интензивниот сообраќај и ќе се изготви ново решение за безбедно одвивање на сообраќајот.

Од покрупните проекти за оваа година во урбаните заедници „ 8.Септември“ и „ Железничка“ беше најавена реконструкцијата на улиците „ Абаз Емин“ и „ Егејска“, асфалтирање на улицата „Будва“ каде се менуваше водоводната мрежа, опремување на автобуските постојки на „ Железничка“, изградба на детски и спортски игралишта и други зафати кои ќе придонесат за поквалитетен живот за жителите од овој дел на Охрид.

Согласно планот и однапред утврдениот распоред , градоначалникот Д-р Јован Стојаноски, во понеделник на 12.02.2018 година ќе има средби со граѓаните од Урбаните заедници „ Даме Груев“ и „ Горна влашка маала“ .