19/04/2024
Охрид

Став на Петар Колев во врска со поставувањето на албанското знаме на Самуиловата тврдина

Претседателот на Граѓанско Демократската Унија (ГДУ), Петар Колев со свој став во врска со вчерашниот инцидент со поставувањето на албанското знаме на Самуиловата тврдина во Охрид.

„Искрено сум разочаран од реакцијата на господинот Зијадин Села и неговата партија во однос на вчерашниот инцидент со поставувањето на албанското знаме на Самуиловата тврдина во Охрид.

ДПМНЕ и СДСМ не би ги коментирал, бидејќи тие немаат став по ова прашање. Кога ќе го изградат би било чесно да го споделат со македонската јавност. Владеењето на правото господа од двете партии нема како да биде предмет на изборни пазарења, но вие така не ја разбирате политиката. Впрочем и затоа сме на ова дереџе.

Во реакцијата на Зијадин Села се вели: „Истакнувањето на албанското национално знаме на Самуиловата тврдина претставува ниту законски прекршок ниту опасност за никого, особено кога се знае дека во Северна Македонија, Албанците сочинуваат една третина од населението и се автохтон народ.“

Ме зачудува фактот што опитен политичар како господинот Села не е запознат со законските регулативи во однос на употребата на знамињата на етничките заедници во Македонија, односно дека во Република Северна Македонија, Собранието има донесено закон за употреба на знамињата, државното знаме и знамињата на заедниците. Во него е определено дека на целата територија на Република Северна Македонија во официјална употреба е државното знаме, а покрај државното во единиците на локалната самоуправа каде што покрај Македонците живее и друга заедница која е признаена со Уставот, а претставува најмалку 50% од населението се употребува и знамето на заедницата.

Во членот четири од Закон за употреба на знамињата на заедниците во Македонија е наведено јасно дека:

Член 4

Во единицата на локалната самоуправа, во која живеат граѓани припадници на заедницата и се повеќе од 50% од населението во таа единица на локалната самоуправа, согласно со членот 2 од овој закон, пред и во објектите на органите на единицата на локалната самоуправа постојано се истакнати знамето на Република Македонија и знамето на таа заедница.

Член 5

Во единицата на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на заедницата и се повеќе од 50% од населението во таа единица на локалната самоуправа и се мнозинство во таа единица на локалната самоуправа, согласно со членот 2 од овој закон, пред и во објектите од јавен и локален карактер, државните органи, јавните служби и правните лица основани од државата, јавните служби и правните лица основани од единицата на локалната самоуправа, на улиците, плоштадите и други инфраструктурни објекти, покрај знамето на Република Македонија се истакнува и знамето на таа заедница:

– во денови на државни и други празници на Република Македонија утврдени со закон;
– во денови на празници на заедниците;
– во денови на општински и други празници утврдени со одлука на советот на единицата на локалната самоуправа;
– при пречек и испраќање на претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија и претседателот и членови на Владата на Република Македонија
– при официјално доаѓање на претседател или премиер на странска држава, како и на суверен или висок претставник на меѓународната заедница;
– во денови на одржување на манифестации од локален и меѓународен карактер.

Член 8

Во единицата на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на заедницата, а се мнозинство во таа единица на локалната самоуправа, знамето на Република Северна Македонија и знамето на таа заедница се истакнуваат на следниов начин кога:

– знамето на Република С.Македонија е истакнато заедно со знамето на заедницата и знамето на единицата на локалната самоуправа, знамето на Република С. Македонија се истакнува во средината, додека знамето на заедницата е два метра надесно, гледано однапред, а знамето на единицата на локалната самоуправа е два метра налево од државното знаме;
– знамето на Република С. Македонија е истакнато заедно со знамето на заедницата, знамето на заедницата е надесно, гледано однапред, од знамето на Република С. Македонија и
– се истакнати повеќе од три знамиња, знамето на Република С. Македонија ќе биде прво во редот.

Член 8-а

Знамето на Република С. Македонија се истакнува со други знамиња согласно со закон и е со поголема димензија од една третина од другите знамиња.

Член 10

(1)Со парична казна од 700 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе се казни за прекршок правно лице кое постапува спротивно на одредбите од членовите 4 и 5 на овој закон.

(2)За прекршокот од ставот 1 на овој член ќе се казни со парична казна од „300 до 1.000 евра во денарска противвредност и одговорното лице во правното лице.

Господинот Села тврди дека знамето било сценографија на играорци, кој веројатно се повикува на член 5, каде што пишува дека може да се стави знаме во денови на одржување на манифестации од локален и меѓународен карактер, но сепак тука е прекршен членот 5 бидејќи пишува и колку посто население треба да има во местото каде се одржуваат тие манифестации. Исто така е прекршен и членот 8 во врска со поставувањето на знамето.

Пред две години самиот господин Села стана жртва на физички напад и на своја кожа осети колку е важно законите да бидат почитувани од сите, без разлика на нивната етничка или друга припадност. Силно се надевам дека оваа реакција на г. Села и неговата партија е плод на емоција, бидејќи ако не е така, тоа значи дека еден угледен политичар и една угледна партија не гледаат прекршување на законот таму каде што го има, само затоа што се работи за припадници на една одредена етничка заедница.

Сакам да напоменам дека јас немам никаков проблем со истакнувањето на националните симболи на ниту една етничка заедница во Македонија. Напротив. Дури и мислам дека граѓанскиот концепт на нашата земја треба да ја негува етничката разноликост во нашата држава. Како убеден демократ никогаш не би се осудил да го скратам правото на одредена група да ги ужива своите права. Но сето тоа треба да биде во согласност со законските одредби. Им се обраќам и на моите драги пријатели Албанци повикувајќи ги да работат уште поупорно за чувањето на Законот, бидејќи тоа е во основата на правната држава со еднакви права и обврски за сите, за која сите ние како одговорни граѓани треба да работиме.

Сигурен сум дека во ваков период меѓу два изборни круга, кога го бираме шефот на државата, никој а најмалку Албанците во нашата земја имаат интерес од вакви провокации кои преку одредени медиумски алатки можат да донесат само раздор, нетрпеливост и ништо друго. Македонија е на сите нејзини граѓани. Немаме потреба од демонстрација на моќ и реторика која не враќа во едни други времиња далечни од 21-от век во кој сите ние живееме.“ – истакна Колев.