25/04/2024
Охрид

Ставрески: Нашата цел е постојано да вложуваме во модернизација на спортските објекти

Прес – конференција денес одржа Сашо Ставрески, на која презентираше дел од предизборната програма на кандидатот за градоначалник на Охрид, д-р Константин Георгиески од редовите на СДСМ.

„Основниот услов за спроведување на активности од областа на спортот, физичкото воспитување и рекреацијата во Охрид е постоењето на доволен број спортски капацитети. Затоа нашата цел е постојано да вложуваме во модернизација на спортските објекти, кои се главен ресурс за функционирањето на постоечките спортски клубови и важен сегмент за развој на спортскиот туризам.

Веќе имаме преземено конкретни мерки на ова поле. Во соработка со ФФМ и УЕФА, ги започнавме потребните процедури за реконструкција на постојните и изградба нова трибина на фудбалскиот стадион во СРЦ „Билјанини Извори“. Вредноста на овој проект, изнесува 800.000 евра и со неговата реализација, Охрид ќе добие услови за организација на поголеми спортски настани.

Исто така започна изградбата на спортска сала во ЕМУЦ „Свети Наум Охридски”, а во Програмите за образование е предвидена изградба и на спортски сали и во основното училиште „Кочо Рацин”, во основното училиште „Ванчо Николески” во село Лескоец и во Угостителското училиште „Ванчо Питошески”.

Во насока на подобрување на условите за спорт, даваме континуирана поддршка на Ракометниот клуб „Охрид” и Општинскиот фудбалски клуб „Охрид Лихнидос” како и на многу други спортски клубови во градот. Исто така во рамки на активностите посветени за развој на спорот, извршена е санација на просториите на ФК„Лакочереј“ и ФК„Воска“ како и реконструкција на трибините и теренот со вештачка трева.

Постојано даваме поддршка на спортските настани кои се од големо значење за Охрид. Веќе се издвоени средства од општинскиот буџет за овогодинешните изданија на Охрид Трчат, Охридскиот пливачки маратони, Балканското првенство-Триатлон, Охрид Траил, Баскет Турнирот 3 X 3, Веслачката и Едриличарската регата.

Во насока на подобрување на условите за спорот, планираме да изнајдеме начини за изградба на нов спортски комплес кој ќе биде во форма на придружен објект на постоечкиот спортски центар „Билјанини Извори“. Комплексот ќе има затворени и отворени спортски објекти, кои ќе располагаат со сите потребни инсталации, реквизити и опрема наменети за изведување на различни спортско-рекреативни активности.

Во делот на развојот на спортот исто така ќе поведеме иницијатива, Охрид конечно да добие соодветен Центар за развој на водените спортови, а за да ги поттикнеме младите да спортуваат, планираме обновување на веќе постоечките спортски терени во населбите и изградба на нови спортски игралишта на неколку локации.

Подеднакво сме посветени на развој на сите сфери од секојдневното живеење, имаме реални планови и остварливи проекти, кои ќе донесат посигурна иднина за сегашните и идни генерации во нашиот град. Охрид заслужува да оди напред, охриѓани заслужуваат повеќе!

На 21-ви април да излеземе и да гласаме за нашиот кандидат за градоначалник д-р Константин Георгиески и да обезбедиме уште една голема победа! Заедно Напред, За Охрид!“ – истакна Ставрески.