18/04/2024
Македонија

Стотина поплаки од граѓани за туристичките агенции

Стотина поплаки од потрошувачите во врска со туристичките патувања, регистрирале во Организацијата на потрошувачи на Македонија. Од таму информираат дека заклучно со јули, извршиле околу 900 советувања. Од нив околу 10% се поплаки што потрошувачите ги доставиле најмногу во периодот јуни и јули, а се однесуваат на туристички ангажмани.

Еден од почестите проблеми на што се жалат потрошувачите се однесува на откажување на патувањата поради недоволен број патници. Од Организацијата велат дека во таков случај проблематичен е процесот на враќање на уплатените пари.

Во рамки на Програмата за заштита на потрошувачи, Организацијата организира семинари, конференции, изработува брошури во печатена и електронска верзија, каде потрошувачите може да се информираат за своите права.

Неодамна Организацијата најави измени во законската регулатива, со што ќе се овозможи колективна тужба за поголема заштита на потрошувачите. Овој инструмент најмногу би нашол примена во случаи кога потрошувачите се оштетени со договори со нечесни клаузули во поглед на туристички патувања, договори за продажба вон деловни простории, онлајн продажба итн.