28/03/2024
Македонија

Сузбиена криминална група што вршела насилство, изнуди и лихварство и палела коли во Скопје

 

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР постапувајќи во рамки на посебен оперативен план за сузбивање на организирана криминална група инволвирана во вршење кривични дела од областа на насилниот криминал, приведе осум лица членови на групата, кои што во текот на минатата и оваа година со употреба на закани по животот и имотот на наводни должници, на насилен начин прибавувале значителна имотна корист наедно предизвикувајќи и штета по имотот на граѓаните преку опожарување на возила и објекти на оштетените, рече директорот на Бирото за јавна безбедност Лазе Велковски.

По документирањето на криминалните активности на групата, на 05.07. МВР до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција достави кривична пријава против лицата: М.Д. (40), и М.Д. (34), двајцата од с. Сарај, скопско, потоа  Н.П. (49), Т.П. (39) и П.Ј. (26) тројцата од Скопје, како и К.Ч. (66),од Струга, Л.М. (49) од Велес и Т.П.(51) од Неготино, а поради постоење основано сомнение дека се сторители на повеќе кривични дела – “злосторничко здружување“, “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, “изнуда“, “предизвикување на општа опасност“, “неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и “спречување на службено лице во вршење на службени дејствија“. Од страна на Судија на претходна постапка за двајца од приведениете веќе е одредена мерка притовор во траење од по 30 дена, а на други двајца мерка – претпазливост. 

„Криминалната група делувала на подрачјето на град Скопје. Првопријавениот М.Д. во период 2016-2018 година, создал злосторничко здружение во кое како активни членови учествувале М.Д. (негов брат), Л.М., Н.П., Т.П., Ј.П., К.Ч., Т.П., кои заради прибавување на значителна противправна имотна корист преку употреба на сериозни закани и уцени успевале да извршат наплата на долгови од лихварски услуги или нарушени бизнис релации. Оваа организирана криминална група имала хиерахиска структура со однапред одредени улоги за секој од членовите“, рече Велковски. 

Наводните доверители кои што имале “побарувања“ од трети лица (должници/жртви) по основ на лихварски долгови или нарушени бизнис релации, заради наплата на своите побарувања ги ангажирале организаторот на групата и неговиот брат за посредување во наплата на побарувањата, кои преку употреба на сериозни закани и уцени, и насилство успевале за одреден процент (вообичаено 8 проценти од целосниот долг) да ги наплатат побарувањата. Како инструменти при наплатата на долговите, исто така, се служеле и со нотарски заверени изјави и договори за превземање на побарување, пренос на должнички-доверителски односи, компензациски договори за пренос на сопственост на имот (вообичаено возила) за наводно извршени услуги и слично. Во одредени случаи, преку ваквиот “систем“ на криминално делување побарувањата се пренесувале на членовите на групата, така што должниците односно  жртвите станувале должници на организаторот на истата. 

„Покрај ова во рамки на оперативните активности за документирање и сузбивање на криминалните активности на групата, детектиран и документиран е и случај на нелегална трговија со хероин во која била инволвирана групата. Имено, на патниот правец Скопје- Велес сопрен е еден од членовите на групата и при преглед кај истиот пронајден е хероин“, соопшти Велковски.

По претходно издадена наредба од страна на Судија на претходна постапка завчера беше извршен и претрес на дом и други простории на 10 локации во Скопје, Струга и Неготино, претрес на лица, но и на и возила кои ги користеле членовите на криминалната група. Во претресите пронајдени и одзмени се: четири пиштоли, пет рамки за пиштоли, пушка, ловечки карабин, 102 куршуми различен калибар, 12 куршуми за ловечки карабин, четири возила, парични средства во вкупен износ од 48.000 евра, хероин, две дигитални ваги со траги од хероин, четири пластични мелници со остатоци од хероин. 

„Сакам да ве информирам за уште една активност на МВР реализирана во текот на вчерашниот и денешниот ден. Имено, СВР Скопје презеде мерки и активности во расчистување на поголем број на кривични дела од областа на имотните деликти- разбојништва и дрски кражби и приведе три лица- извршители на овие дела. По документирање на овие случаи, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци до Основното јавно обвинителство во Скопје“, рече Велковски.