16/04/2024
Дебрца

Швајцарци заинтересирани за производство на канабис за медицински цели во Мешеишта

Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, оствари средба со потенцијални инвеститори од Швајцарија кои се заинтересирани нивната бизнис идеја за производство на канабис за медицински цели да ја остварат во Мешеишта, при што би инвестирале од 1 до 3 милиони евра, а би вработиле околу 30 лица.

„Имав средба со потенцијални инвеститори од Швајцарската Конфедерација, кои се интересираа за условите за инвестирање во општина Дебрца.

Првично, ја изнесоа нивната бизнис идеја за производство на канабис за медицински цели, во деловниот простор на фирмата Пап Охрид, лоциран во село Мешеишта.

Нивниот план е првично да инвестираат еден милион евра, а со проширување на производството да вложат до три милиони евра, со вкупно триесетина вработувања.

Во разговорот потенцирав дека општина Дебрца е отворена за соработка и дека нема да имаат никакви административни бариери од општината за реализација на нивната инвестиција.“ – изјави градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.