29/03/2024
Охрид

Свечена академија по повод Денот на Свети Климент Охридски – патронот на Охрид

Централната манифестација по повод 8-ми Декември, Денот на Свети Климент Охридски – патронот на Охрид, беше свечената академија која синоќа се одржа во дијамантската сала на хотелот „Инекс Горица”. На свеченоста, пред присутните амбасадори, пратеници во Собранието на Република Македонија, претставници на културниот и општествениот живот во Охрид, се обрати градоначалникот Јован Стојаноски.

Охрид вечерва слави. Го слави Големиот ден – Денот на Свети Климент. Вечерва нема охридска куќа која не ќе го запали Светиклиментовото кандило и нема охриѓанец кој не ќе се потсети на вековните преданија дека над Охрид постојано бдее и го чува од зло духот Светиклиментов.
Свети Климент е нашиот прв учител, прв оригинален словенски писател, прв словенски епископ и основоположник на Првиот словенски универзитет и Првата словенска православна црква.
Грандиозно е делото Светиклиментово, кое и до ден – денес, после повеќе од единаесет векови, е наш светилник и наш патоказ по кој треба да се движиме;
Словата и зборовите на нашиот духовник, беседник, просветител и учител имаат вонвременско и универзално значење;
Неговите поуки дека: „Гладен треба да нахраниш“, „Жеден да напоиш“ , „Патник да прибереш“ и „Да се надминуваме еден со друг со добрина“ се праоснова на сите напишани и ненапишашина учебници по етика и на сите нас, посебно на помладите, треба да ни бидат нашата мисла водилка.
Во тој дух, во моево вечерашно обраќање, без себерекламирање и со голема почит и благодарност кон сите претходни градоначалници и претседатели на Собранието на Општина Охрид за се она што го направиле во времето на нивните мандати, како што налага редот, сосема накратко, ќе се задржам само на она најзначајното што го реализиравме во текот на овој период меѓу две чествувања на нашиот Патрон.
Започнавме со решавањето на проблемот околу финансиската консолидација на Општината и, со несебична помош на Владата на Република Македонија, на добар пат сме, конечно, да го решиме овој повеќедецениски голем проблем;
Воспоставивме поголема и понтензивна соработка со научно-истражувачките институции од земјава и странство, пред се, на планот на заштитата на животната средина и заштитата на природното и културното наследство;
Воспоставивме поголема соработка со постојните и потенцијалните домашни и странски инвеститори за отворање нови индустриски капацитети, отворање нови работни места, а со тоа и запирање на масовното иселување на младите и стручни лица;
Продолжуваме со успешната туристичка и културна промоција, со основна интенција, Охрид да биде туристички и културен центар во текот на целата година, а не само во летниот период;
Правиме максимални напори да го вратиме охридскиот спорт на некогашното негово ниво. Во најкраток можен рок, Охрид, во сите спортови, треба да има свои претставници во најелитните државни и меѓународни натпреварувања;
Создаваме „отворена“ Општина за партнерска соработка со граѓанскиот сектор и невладините организации и Општина со социјална инклузија на граѓаните од ранливите категории;
Двојно го зголемивме бројот на стипендии за ученици и студенти кои живеат во потешки социјални услови.
А, како дамнешен долг кон Свети Климента, без сомнение, нашиот најголем предизвик со кој се зафативме и кој мораме да го реализираме, секако, е отворањето на новиот образовен центар на просторот на поранешната охридска касарна.
Свети Климент, два века пред Болоњскиот, го создал Првиот словенски универзитет, од овде до Киев и Московска Русија, прочуената Окридска книжевна школа.
Затоа, не само  охриѓани, цела Македонија и сиот словенски народ неизмерно многу му должи, а, најдобро и барем малку ќе му со оддолжиме, само доколку и вистински, а не само вербално, му го вратиме вековниот примат на Охрид како духовен, културен и образовен европски центар.
Почитувани,
Премногу е свет и светол утрешниот ден, премногу е свет и светол ликот Светиклиментов, премногу се свети и поучителни делата Светиклиментови.
Во негов дух: „Со широко срце ја отвораме“ Општината за максимална соработка со сите добронамерници кои имаат една и единствена желба – развој и просперитет на нашиот прекрасен и неповторлив Охрид.
А, тоа мора да биде така, затоа што, како што би рекол Михаил Ренџов:
„…Тука има
Толку светлина
Од која јас, со жед
Посакав да живеам.
Тука има толку убавина
Од која јас, од убост
Можев да изгорам…“
Искрени честитки на годинешните добитници на престижната награда и повелба „Свети Климент Охридски – Патрон на Охрид“, еминентниот охридски и македонски поет и писател – Видое Видически и младиот охридски пливачки херој – Марко Пејчиноски.
Голема благодарност за сите што вечерва издвоивте од Вашето време и не удостоивте со Вашето присуство.
Нека ни е честит и вековит Денот на Свети Климент – Патронот на Охрид!
За многу години светиот и светол празник „Свети Климент Охридски“! – 
рече градоначалникот Стојаноски.

На свеченоста беа доделени највисоките општински признанија, наградата и повелбата „Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“. Годинава добитници на овие престижни признанија се еминентниот писател и поет Видое Видически и младиот пливачки херој Марко Пејчиноски.

Лауреатот на наградата за животно дело Видое Видически, се заблагодари за високото признание и рече дека наместо говор, ќе прочита една песна од неговата последна збирка „Нови дотеци”, посветена на неговиот дедо, каменорезецот Иван Видич, за која бил инспириран од исклесаниот лик на свети Климент во мермер , што се наоѓа на камбанаријата на влезот на црквата Свети Богородица Перивлепта, каде порано се одбележуваше денот на светителот.

На дедо ми Иван, каменорезецот,човекот на големите чекори, што долго резбаше врз каменот и го создаде најубавиот лик на заштитникот наш,понесен со мислата позајмена од своите , кога надежите ми беа најпотребни, ги крена високо над времето – рече лауреатот Видически.

Младиот и талентиран кларинетист Наум Палоски, во пијано придружба на професорката Ирена Веруш, беше дел од културно-уметничката програма , која кулминираше со настапот на гитаристот Влатко Стефаноски и неговата порака „Да го чуваме Охрид- Охрид ќе не чува нас”.