28/03/2024
Охрид

Свечено отворено Aлтернативното културно лето во Охрид: „Културолошка иницијатива 5 до 12“

Во кафе барот Shilla во Охрид, во организација на НАТГ „Аматер“ и Супер радио, вечерва беше свечено отворено првото издание на „Културолошка иницијатива 5 до 12“, алтернативно културно лето во Охрид.

Основната идеја е да се подигне културата во текот на летниот период, кога градот е најпосетен, истакна Јован Цветкоски од НАТГ „Аматер“.

„Основната цел е да се промовираат младите и креативни луѓе во Охрид, особено во шпицот на сезоната и јули и август, како двата месеци кога градот е најпосетен. Сакаме да дедеме своевидна алтернатива на културната сцена во Охрид и се надеваме дека „Културолошка иницијатива 5 до 12“ ќе прераснит во традиционална манифестација која ќе има значајно влијание и ефект на околината и сите што доаѓаат во Охрид,“ – истакна Цветкоски.

Гостите од земјата и странство, но и охриѓани ќе имаат можност да уживаат во квалитетна програма, но и да видат какви млади и креативни луѓе има во овој град, истакна пред присутните Даниела Спасиќ, уредник во Супер радио.

„Супер радио постои веќе полни 27 години и токму спојот на искуството низ годините и енергијата која ја внесуваат младите и позитивни луѓе е нашата најголема сила и она што не прави препознатливи и признаени од околината, како веќе 9 години најдоброто локално радио во државата. Токму затоа, препознавајќи ја енергијата и позитивноста на овие млади луѓе сме и дел од организацијата на Aлтернативното културно лето во Охрид: „Културолошка иницијатива 5 до 12“. Да имаме сите заедно убаво, топло и позитивно лето, исполнето со многу забава, љубов, позитивна енергија и секако одличните настани кои се дел од оваа манифестација,“ – истакна Спасиќ.

Во рамките на алтернативното културно лето „Културолошка иницијатива 5 до 12“ предвидена е разновидна и богата програма, во која ќе се вклучат многу луѓе од урбаниот живот во Охрид, млади и креативни луѓе кои сликаат, фотографираат, танцуваат, глумат, играат, свират итн. Секоја недела ќе се одржи барем по еден настан, почнувајќи од вечерва, кога се одржа поетската вечер „Имам нешто да ти кажам“, како и акустична свирка со бендовите „Кукузел“, „Броз“ и „High4“.