19/04/2024
Струга

Свечено започнаа 57-те Струшки вечери на поезијата

Со читањето на антологиската „Т’га за југ“ на КОнстантин Миладинов на македонски и англиски јазик, како и со плаењето на фестивалскиот оган, свечено започнаа 57-те Струшки вечери на поезијата.

Асаф Адеми, министер за култура на РМ: Поголемото достоинство на поетите и писателите значи подобар свет, околу нас, ами и во нас.

„Како министер – служител на културата во нашата земја сакам да ви ветам дека ќе дадам се од себе ореолот да се врати на поетите и на писателите, наместо на институциите. Зошто човекот е извор на убавината заради која сме тука. Поголемото достоинство на поетите и писателите значи подобар свет, околу нас, ами и во нас, чунки како што говореше големиот Прличев: “тије се солта на општеството”. И онаму каде разумот остава рани, поезијата залекува. Онаму каде различностите знаат да поделат поезијата знае да создаде прекрасен мозаик“ – рече министерот Адеми прогласувајќи ги СВП за отворени.

„Никогаш досега толку многу бодликава жица не била употребена да се исцртаат граници. Меридијани опредметени со бодликава жица кои го оградуваа поетскиот простор. Бодликавата жица е симбол на поделеноста, врвна метафора на стравот, на отуѓеноста, на паранојата од другите, на заканувачкиот хаос кој демне од другата страна и не плаши. Таа е сведоштво за неспособноста да се комуницира, да се прифатат и разберат другите. Таа е симбол на нашиот пораз како човештво. Затоа, еве не тука во овој простор од кој поезијата како мали хартиени бротчиња ќе се упати ширум светот, преминувајќи ги сите препреки, премавнувајќи ги гите забрани и граници, сведочејќи за космополитскиот дух вграден во суштината на овој фестивал“ – рече директорот на СВП, Мите Стефоски.

На отворањето беше пуштен и краток видео запис со Ален Гинзберг на кој тој ја чита манифестната „Космополитски поздрави“ упатена на СВП во 1986 година, песна која никогаш не била прочитана на овој фестивал.

Традиционалното поетско читање „Меридијани“ започна со стиховите на годинашниот венцоносец, Адам Загајевски кој уште еднаш истакна дека добивањето на Златниот венец е огромна: читајќи ја листата на моите претходници како Неруда, Тадеуш Руќевиќ, Ален Гинсберг и останатите, чувствувам и мала несигурност, стравувајќи дека не можам да ги продолжам нивните чекори.

На „Меридијани“ учествуваа 30 поети од 29 земји од светот кои своите стихови ги читаат на мајчин јазик.

По отворањето, поетите и сите учесници на фестивалот беа примени од министерот Адеми.

Вториот ден (вторник, 23 август) од фестивалот продолжува во 10 часот со портрет на Михаил Ренџов, минатогодишен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, по што следува поетско читање со петмината поети кои влегоа во најтесниот круг за годинашната награда: Зоран Анчевски, Андреј Ал Асади, Јордан Даниловски, Јовица Ивановски и Сузана В. Спасовска.