24/04/2024
Македонија

Светиот маченик Јосиф, Преподобен Николај Исповедник и Преподобен Исидор Пелусиот

Светиот маченик Јосиф

Родум од Алеп. Турците го присилуваа да се потурчи. Не само што ги одби туку почна и да ги изобличува мухамеданските лаги и да ја фали верата Христова. За ова беше мачен и обезглавен во 1686 година.

Преподобен Николај Исповедник

Овој Светител беше од островот Крит. Дојде во Цариград за да го посети својот роднина Теодор, игуменот на Студитскиот манастир, но остана и се замонаши. Како монах Николај ги мина сите подвизи за спасението на душата. Во времето на гонењето на Црквата од страна на Лав Ерменин, Теодор и Николај беа свирепо мачени, биени со воловски жили и најпосле ги фрлија во затвор, каде останаа три години. По смртта на Св. Теодор Николај стана игумен на Студитскиот манастир. Уште за време на животот правеше чуда со силата на Божествената благодат. Така ја исцели од болест Евдокија, жената на царот Василиј, а потоа и Елена, жената на патрицијот Мануил. На угледниот благородник Теофил Мелисен, на кого не му се држеа децата, му ја благослови новородената ќерка и за неа му прорече дека ќе живее и ќе биде многуплодна, а тоа подоцна така и се исполни. На денот на својата смрт Свети Николај ги повика монасите и ги праша што им недостасува. „Жито“, одговорија. Тогаш игуменот им рече: „Оној Којшто го нахрани Израилот среде пустината, по три дена и вам ќе ви испрати пченица во изоблилство“. И навистина, по три дена под манастирот доплови кораб полн со жито, испратен од царот Василиј. Преподобниот Николај се пресели во Царството Небесно во седумдесет и петтата година од животот, на 4 февруари 868 година.

Преподобен Исидор Пелусиот

Родум Мисирец; син на угледни родители и роднина на александриските патријарси Теофил и Кирил. Откако ги проучи сите светски науки, се одрече од богатството и светската слава и сиот му се предаде на духовниот живот заради љубовта Христова. Беше голем и усрден бранител и толкувач на православната вера. Според тврдењето на историчарот Никифор, Св. Исидор им напиша над десет илјади писма на разни лица, во кои едни ги укорува, други ги советува, трети ги теши, четврти ги поучува: „Поважно е да се поучуваш на добродетелен живот одошто на красноречиво проповедање“, пишува тој во едно писмо. Во друго вели: „Ако некој сака неговите добродетели да се покажат големи, нека ги смета за мали и тие навистина ќе се покажат големи“. Прво и основно правило за него беше: прво практикувај, па потоа поучувај, според примерот на Господ Исус. Во времето на гонењето на Златоуст, кога сиот свет се подели на два табори, едните за, а другите против овој голем столб на Православието, Свети Исидор застана на страната на Златоуст. Му пишуваше на патријархот Теофил каква голема светилка на Црквата е Златоуст и го молеше да се одрече од ненавидноста кон него. Поживеа долго, и многу стори прославувајќи Го Христа со живот и со перо и се пресели во Христовото Царство во 436 година.