29/03/2024
Македонија

Светиот Варвар разбојник и Светиот маченик Варвар

Светиот Варвар разбојник

После многубројни злосторства се покаја и самиот себеси си наложи прво, три години да оди четириножно и да јаде со кучињата и второ, дванаесет години да живее в шума, без облека, без покрив и без каква и да е друга храна освен трева и лисја. Од ангел доби известување дека гревовите му се простени. Патуваа трговци низ шумата, па го видоа Варвар оддалеку и мислејќи дека е ѕвер а не човек, ги вперија стрелите и го застрелаа. Кога умираше ги замоли да му јават на блискиот свештеник за него. Свештеникот дојде и чесно го погреба. Но од неговото тело потече целебно миро и исцелуваше разни болести и маки кај луѓето.

Светиот маченик Варвар

Варвар беше војник во времето на Јулијан Отстапник. Кога царскиот војвода Вакх ја поведе римската војска против Франците, во таа војска беше и Варвар, потаен христијанин. На боиштето се појави некој си јунак од страна на Франците, сличен на Голијат и ги предизвикуваше Римјаните за да му излезе некој на мегдан. Војводата Вакх го посоветува Варвар тој да излезе. Варвар Му се помоли во своето срце на живиот Бог, излезе и го победи оној џин. Од тоа војската на Франците се збуни и побегна. Тогаш војводата направи голема веселба и нареди да им се принесат жртви на идолите. Но на тоа жртвопринесување дозна дека Варвар седи настрана. Кога го праша за тоа, Варвар изјави дека е христијанин. Војводата му јави на царот, а царот нареди Варвар да биде ставен на најтешки маки. Но Варвар поднесе с ѐ со ретка храброст и присебност. При неговото мачење се покажаа многубројни чуда, а гледајќи го тоа, мнозина војници ја примија Христовата вера. Меѓу овие беше и самиот војвода Вакх, со Калиј и Дионисиј. Сите тројца беа убиени со меч за името Христово, а после нив и Варвар, во 362 година. Нивните души се преселија во Царството на Христос, бесмртниот Цар.