29/03/2024
Охрид

Светската оперска дива Елена Мошуц ќе го отвори 58-то издание на „Охридско лето“

Светската оперска дива Елена Мошуц една од најдобрите оперски певици во светот,на 12-ти јули на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори годинешното 58-мо издание на фестивалот „Охридско лето“.

Настапот на сопранистката Мошуц  заедно со познатиот тенор Калин Братеску и Оркестарот на Македонската филхармонија, ќе приредат незаборавно доживување како еден  од најексклузивните концерти што ќе се вброи во фестивалската историја на „Охридско лето“.

„Романската сопранистка Елена Мошуц е една од најсветлите точки на оперската сцена во светот, а нејзините настапи се постојано следени со воодушевување од страна на публиката и критиката. Елена Мошуц која има бројни настапи на сцените на водечките оперски куќи, им се приклучува на оперските великани кои настапиле на Античкиот театар, Лео Нучи, Барбара Фритоли, Елина Гаранча, Дмитри Хворостовски, Џеси Норман, Хозе Карерас и многу други,“ истакна министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, на денешната прес-конференција на којашто се промовираше фестивалската програма.

Алаѓозовски додаде дека во програмата на годинешното фестивалско издание се застапени и најдобрите македонски уметници и оркестри.

Тој потенцира дека фестивалот „Охридско лето“   е бренд на македонската култура и е еден од главните столбови на меѓународниот углед  на Македонија во културата и уметноста, поради што, како што рече, заслужува максимална поддршка.

„Министерството за култура годинава одвои 1,4 милиони денари за модернизирање на сцената Долни Сарај, која за кусо време ќе добие нов лик според сите светски стандарди. Ќе се осовременуваат самата сцена и гледалиштето, кои со текот на времето се прилично оштетени. Тоа е огромен зафат, но имајќи предвид дека „Охридско лето“ е нашиот амбасадор во светот и  го заслужува најдоброто, ја дадовме максималната поддршка.Со реализацијата на овој проект ќе се овозможи врвните уметници конечно да го добијат третманот што го заслужуваат, а со тоа и Фестивалот да се искачи скалило погоре во поглед на квалитетот што го нуди,“ рече министерот Алаѓозовски, нагласувајќи дека заштитата на Охридскиот регион, културното наследство и културниот туризам, остануваат врвни приоритети за Владата и Министерството за култура, на што сериозно и посветено се работи во координација со УНЕСКО.

Директорката на фестивалот „Охридско лето“, Сузана Вренцовска најави дека фестивалот и годинава ќе биде симбол за неповторливо уметничко доживување, и како што додаде, магијата на бројните светски музички гласови и големиот творечки дух на врвните театарски претстави, ќе бидат дел и од 50-те настани на годинешното фесетивалско издание.

„Со професионалноста и умешноста на новите селектори, професорот Васо Ристов и режисерот Александар Поповски, двајцата истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната музичка и театарска јавност, кои зад себе имаат богата меѓународна професионална кариера, внесовме свежина во програмата, притоа, задржувајќи го квалитетот по кој нѐ препознаваат повеќе од половина век.Благодарение на посветеноста и залагањата на тимот на „Охридско лето“, успешно и навремено ги завршивме сите подготовки со што ќе бидеме достојни домаќини на повеќе од 800 уметници и бројни љубители на уметноста од целиот свет. На фестивалските сцени од 12-ти јули до 20-ти август ќе плени уметноста на бројните  музички, драмски, балетски претстави, изложби, како и настани за најмладите, кои, како дел од општеството, ја градат иднината на државата. Отворајќи ја токму за нив сцената на  „Охридско лето“ ќе ја всадиме уметноста во длабочината на детската  душа, како и почитта  за високите уметнички стандарди“, рече директорката Вренцовска.

Според неа, најважно е да се гради брендот на институцијата, да се работи домаќински, да се почитува фестивалската традиција, но истовремено и да се воведуваат новини што ќе ја освежат програмата.

„Ве уверувам дека новините што ќе ги воведеме од ова фестивалско издание ќе го продолжат патот на успешната традиција но и ќе воведат модерна димензија која ќе ја надополни богатата фестивалска историја.Во таа насока на визуелниот идентитет за 58-то издание на Фестивалот, што ќе се користи за промотивниот материјал, носечката порака е Градот (Охрид) со својата специфична архитектура претставена како сцена за културни настани. На идејното решение изработено од  маркетинг агенција „Њу момент“,  охридските градби се претставени во модерен колор код со цел да се доближат  модерните текови до традицијата.  Годинава на Фестивалот ќе се користат и најсовремените технолошки и ИТ-достигнувања преку преносите во живо на некои од настаните од уметничката програма“, најави Вренцовска, која на денешната прес-конференција се заблагодари на институциите во државата и на одделни фирми и претпријатија кои несебично го помагаат фестивалот „Охридско лето“.

Според музичкиот селектор на „Охридско лето“, Васо Ристов, со ексклузивните уметници кои ќе бидат дел од ова издание, Охрид ќе стане вистинска културна метропола и ќе привлече бројни посетители од целиот свет.

„Светските имиња од годинешната програма, солисти, состави, камерни и симфониски оркести, е доволна потврда дека програмата и годинава ќе ги оправда очекувањата на љубителите на музиката. Потврда дека годинешната програма значи истрајување на магистралните правци на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација, зацртани уште во нејзините почетоци. Веруваме дека настапите на големите светски уметници ќе бидат вистинско уметничко доживување за публиката и ќе дадат огромен придонес во документирањето на фестивалската историја во Р. Македонија и пошироко“, истакна музичкиот селектор Ристов.

Како светски музички имиња од оваа програма, фестивалската публика ќе може да ги види великанот на пијанистичката фела, Николај Лугански, врвниот пијанист Александар Маџар, еден од најдобрите усно хармоникаши Антонио Серано, Барокниот ансамбл Вроцлавски од Полска, светски водечкиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас Бурдонкле. Љубителите на музичката уметност ќе можат да уживаат и во музицирањето на шпанската сопранистка Еугениа Боикс во пијано придружба на Ана Ферер,а  во традиционалната Вечер на Европска унија ќе настапи еден од најголемите австриски уметници,  пијанистот Роберт Лербаумер. Како дел од програмата ќе биде и Украинскиот Камерен оркестар, како и Кинескиот бамбус-флејта оркестар.Свое место во годинешната фестивалска програма, традиционално, ќе имаат и македонските уметници, а за годинешниот роденден на „Охридско лето“, е најавен концерт на познатата македонска група „Синтезис“.

Според селекторот Ристов, посебно место во програмата зазема и делото на Димитрие Бужаровски „Радомировиот псалтир, со учество на оркестарот, солистите и хорот при МОБ,  под диригентската палка на Бисера Чадловска.

Фестивалскиот оган, годинава, на 20-ти август ќе згасне  на истото место како и свеченото отворање, на Античкиот театар, со  театарската претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци. Станува збор за копродукциски проект на Словенечки Народен Театар СНГ Драма Љубљана, Цанкариев Дом и Градски Театар.

„Да се биде селектор за охридскиот фестивал е голема чест за мене и го прифатив ова со голема возбуда бидејќи поголем дел од моето творештво и моето време во театар го поминав по различни фестивали и ќе се обидам најдоброто што сум го видел да го пренесам, и како искуство, и како програма. Овојпат беше многу кратко времето за сето ова да се направи, ама мислам дека оваа година правиме база за сето она што следува понатаму, “ рече селекторот на драмската програма на „Охридско лето“, Александар Поповски.

Драмската програма нуди неколку театарски претстави, во најголем дел на домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска, Словенија. Како дел од претставите ќе бидат  „Девојчето со жиците“ во режија на Марјан Неќак, копродукциски проект на СНГ Драма –Љубљана и Moving Music Theatre, Битола, премиерната изведба „Мизантроп“ на Театар „Комедија “ од Скопје, во режија на Ана Вукотиќ, претставата „Дантевата смрт“, во режија на Дино Мустафиќ, а  во изведба на Албански Театар-Скопје и други.

На 58-то издание на „Охридско лето“ учество ќе земат уметници  од 27 земји од Европа и светот, како Русија, Јапонија, Канада, Јужна Кореа, Куба, Белгија, Казахстан, Исланд, Велика Британија, Албанија, Швајцарија, Австрија, Кина, Италија, Франција, Шпанија, Германија, Полска, Хрватска, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Романија, Украина, Турција и секако, уметници од Македонија.

„Охридско лето“  како дел од Европската Фестивалска Асоцијација кој се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија, а со финансиска поддршка од Министерството за култура, продолжува со успешните приказни за да го задржи епитетот на високо реномиран европски фестивал.