18/04/2024
Македонија

Светски ден на ромскиот јазик

По повод одбележувањето на Светскиот ден на ромскиот јазик, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев учествуваше и се обрати на настанот. На настанот кој се одржа под покровителство на министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми 2014-2020, Аксел Ахмедовски, свои обраќања имаа и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, министерот за култура, Асаф Адеми, пратеникот во Собранието на Република Македонија, Самка Ибраимоски и пратеникот во Собранието на Република Хрватска, Вељко Кајтази. 

Во своето обраќање премиерот Зоран Заев упати честитки до ромската заедница во Македонија, но и до сите граѓани на Република Македонија, со порака дека причината за славење на посебноста на ромската заедница, е причина за славење за сите граѓани, затоа што „Општество еднакво за сите“ е основниот принцип на владината програма и заедничка вредност.

„Ромите денес се вклучени во целокупноста на општественото живеење, не само во Република Македонија, туку и во земјите ширум Европската Унија. Денешниот настан е убав повод уште еднаш да истакнеме дека Владата на Република Македонија, заедно со политичките претставници на ромската заедница и со лидерите на граѓанските организации, останува и понатаму целосно посветена на процесите за поголемо учество на Ромите во процесот на донесување на одлуките по прашањата што ја засегаат оваа наша заедница. Посебно внимание, освен на социјалните политики и на мерките за вклучување на пазарот на трудот, обрнуваме на образованието“, истакна премиерот Зоран Заев.

 
За потребата од континуирана заложба за зачувувањето и негувањето не само на јазикот, туку и на културата, традицијата и обичаите, говореше и министерот за образование и наука Арбер Адеми, кој подвлече дека актуелната Влада преку имплементацијата на концептот „Едно општество за сите“, го зацврстува местото на ромската заедница во општеството.

„Ќе споменам дека изучувањето на ромскиот јазик е воведено како наставна програма во основното образование. Воведен е изборен предмет „Јазик и култура на Ромите“. Донесена е и се спроведува ‘Стратегија за воведување на ромски образовни медијатори во воспитно-образовниот систем’, како позитивен модел за обезбедување на квалитетно и еднакво образование на учениците од ромската заедница“, потенцираше министерот за образование Арбер Адеми.

Тој додаде дека заложбите на Владата за подобрување на статусот на ромската заедница во Македонија, како и на сите други, ќе се интензивираат паралелно со интегрирањето на нашата земја во европското семејство.

Во своето обраќање министерот за култура Асаф Адеми потенцираше дека одбележувањето на овој ден претставува значаен чекор во зачувувањето, развојот и афирмацијата на ромскиот јазик.

„Јазикот на еден народ претставува историско сведоштво за неговото постоење, за неговата историја, култура и традиција. Без јазикот нема историја, литература, образование, нема ниту можности за зачувување на културното наследство на еден народ“, рече министерот за култура Асаф Адеми, и додаде дека Министерството за култура  води грижа за поддршка на сите активности и проекти во рамките на Годишната програма од национален интерес кои се поврзани со негувањето на културата на Ромите во Република Македонија.

Пратеникот во Собранието на Република Македонија, Самка Ибраимовски истакна дека јазикот на еден народ е единственото средство кое го чува идентитетот и обединува еден народ, и дека го потврдува историско етничко наследство.

Пратеникот во Хрватското Собрание, кој воедно е и иницијаторот за да се востанови меѓународен ден за ромскиот јазик, Вељко Кајтази ја честиташе иницијативата за одбележување на Светскиот ден на Ромите и заложбите кои се прават за подобрување на животот ромската заедница.

Настанот се заокружи со изложба на фотографии кои говорат за културата на ромскиот народ низ земјите од Балканот. 


Обраќањето на премиерот Зоран Заев го пренесуваме во целост во продолжение:

„Драги гости, пријатели и наши сограѓани, најпрво нека ни е честит Светскиот ден на ромскиот јазик.

Велам да НИ е, а не да ВИ е, затоа што „Општество еднакво за сите“, основниот принцип на програмата на владината коалиција е наша – заедничка вредност. Тоа е цел во која силно веруваме и подготвени сме нашето општество да го изградиме како такво. Нашата земја, Република Македонија, навистина да биде препознаена од светот како инклузивно општество базирано на прифаќање и славење на различностите. Суштински, а не само декларативно.

Велам да НИ е честит, затоа што причината за славењето на вашата посебност е причина за славење и за нас. Како знак на силна солидарност и заедница, како знак на единство и прифаќање едни со други како неразделен дел од целокупноста на нашиот заеднички културолошки и етнички идентитет. Вие сте дел од секојдневниот живот на нашата заедничка Македонија, толку колку што ромскиот јазик е дел од вашиот секојдневен живот.

Како резултат на постојаниот напор на интелектуалците од Ромската заедница, Ромите денес се вклучени во целокупноста на општественото живеење, не само во Република Македонија, туку и во земјите ширум Европската унија.

Со прогласот на УНЕСКО, 5-ти ноември да биде празнуван како Светски ден на ромскиот јазик во 2015 година, повикани сме да го даваме нашиот придонес во чувањето и негувањето на културните особености на Ромската заедница во Република Македонија.

Прифаќањето на важноста и еднаквоста на сите јазици е нашиот влог за богатството на нашето општество како мултикултурна ризница и на обединети различности на кои треба да бидеме горди.

На тоа не повикуваат и европските вредности бидејќи го прифаќаат ромскиот јазик како еден од мноштвото јазици на Европа и на нејзиното културното наследство.

Меѓусебното прифаќање претставува потсетник дека само заедно, сме свесни за потребите на другиот до нас, а е загарантирано со човековите права, но и оние едноставно човечките. Тие не прават да се насмевнуваме пријатно кога ќе седнеме на заедничка маса, да можеме повеќе да го доближиме и да го чуваме тоа што ни е заедничко и во иднина.

Денешниот настан е убав повод уште еднаш да истакнеме дека Владата на Република Македонија, заедно со политичките претставници на ромската заедница и со лидерите на граѓанските организации, останува и понатаму целосно посветена на процесите за поголемо учество на Ромите во процесот на донесување на одлуките по прашањата што ја засегаат оваа наша заедница.

Посебно внимание, освен на социјалните политики и на мерките за вклучување на пазарот на трудот, обрнуваме на образованието.

Инсистираме и понатаму на масовно и квалитетно градење на капацитетите на општините, училишните одбори и на родителите, со цел да се обезбедат позитивни ефекти во поглед на крајните образовни резултати кај децата Роми, кои своето образование го стекнуваат на нивниот мајчин – ромски јазик.

Тоа е дополнителна гаранција дека јазикот на ромската заедница ќе биде зачуван, и дека ќе се создаваат услови за негов натамошен развој, согласно  апелот на УНЕСКО и декларацијата на оваа организација по повод прогласувањето на Светски ден на ромскиот јазик.

Уште еднаш нека ни е честит Светскиот ден на ромскиот јазик“.