19/04/2024
Охрид

Ликовниот уметник со македонско потекло, Мајкл Клос, од Торонто, испрати дваесетина дела, во знак на признателност кон македонското здравство

Светски познатиот ликовен уметник со македонско потекло, Мајкл Клос, од Торонто, испрати дваесетина дела, во знак на признателност кон македонското здравство и министерот Филипче, односно Инфективниот оддел на Општата болница во Охрид

Минатото лето, токму во ова време (17 август), градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, во Куќа Уранија – МАНУ, во Охрид, ја отвори самостојната изложбата на Мајкл Клос, канадски и светски уметник со македонско потекло.

-Светски, а наш, Мајкл Клос ги завреднил најпозитивните оценки на светските ликовни познавачи и сликари, рече во таа прилика Георгиески.

Ако не секоја година, тогаш барем на неколку години, Клос настојува да биде во Охрид и Македонија, така блиску до родната грутка на родителите – сега веќе непостојното село Трсија, кај Лерин.

Ова лето, од разбирливи причини, тоа е невозможно, што не значи дека Мајкл и неговата животна и уметничка друшка Менка Змејкоска Клос, барем со мислите, не се со своите.

Со мислите, но и со делета.

Во неможност да дојде лично, Клос ја подава својата хумана донаторска рака од преку океанот, во знак на солидарност и признателност.

Признателност кон македонското здравство, претставувано од министерот, професор д-р Венко Филипче, признателност кон македонската медицина, во конкретниов случај – Инфективното одделение на Општа болница во Охрид.

Кон медицинските сестри, тие невидливи, скромни, неуморни херои – хуманисти, препознаени и од голоемиот хуманист и дарител, Мајкл Клос кој им испрати по по едно ликовно дело.

Покрај за министерот Филипче, едно платно е испратено и до директорот на Општата болница во Охрид, д-р Горан Балевски, кој, пак, однапред, одлучи да го отстапи на Одделот за неуро – психијатрија.

Наредната среда, 12, август, во 11 часот, ликовните дела ќе ги предаде медицинската сестра во пензија, Злата Змејкоска Гашпаревиќ.

Мајкл Клос, тоа го прави, на ист начин како што претходно беше во Рим и Ватикан, по повод беатификацијата на мисионерката, хуманистка и нобеловка – Мајка Тереза.

На начин, каков што беа изложбите во Стразбур, посветени на Мајка Тереза и на првиот македонски претседател Киро Глигоров, во 1996 година.

Мајкл Клос е е ден од најплодните и најпрезентираните светски ликовни уметници. Излагал во Руската Федерација, Казахстан, НР Кина, во престижните музеи во Њујорк, во Галеријата на македонската мисија на Обеднитетите нации (ОН), во Рим, Ватикан…

Излагал неколку пати во Охрид, во Трпејца, Скопје во Безистенот, Кавадарци во Винарската визба, Гевгелија – бавчата на хотелот „Аполонија“, Струмица – Ликовна колонија,  Галичник, Струга – Струшките вечери на поезијата, за да ја заврши турнејата со  изложбата посветена на Мајка Тереза.

Зад него стојат речиси 300 самостојни и групни изложби, во педесетина земји во светот, десетици ликовни колонии…

Сликарството е главна преокупација на Клос, но веќе долго време работи и како графички дизајнер и како сценограф. Има работено на филмот „Тројца мажи и бебе“ и „Т и Т“.

Покојниот, Вангел Наумоски, пред да замине во вечноста, за Клос се произнесе:“ Од Клос зрачи Македонија. Дали се тоа фрески, или не, јас не знам, но знам дека е тоа врвот на модерното”.

Академски сликар, нашиот Славко Упевче, ќе додаде:“ Од Клос извира ведрина со нагласено чувство на естетика. Чинот на уметниочкото создавање тој го постигнува со експресијата на боите”.

Упевче, посебно ја нагласува естетската експресија на Клос, богатиот колорит, ведрината и оптимистичките пораки, “така потребни во ова време и на овој простор”.

Клос е роден 1954 година во Торонто.

Делата , често пати, ги донира за да им помогне на добротворните организации.

Веле Митаноски