25/04/2024
Охрид

СВР Охрид со низа безбедносни мерки за Водици

Со цел безбедно и непречено одвивање на манифестациите по повод верскиот празник „Богојавление-Водици“, Секторот за внатрешни работи Охрид ги презема сите неопходни безбедносни мерки на превентивен и оперативен план. Мерките на СВР Охрид се насочени кон зачувување на поволната и стабилна безбедносна состојба на целото подрачје во областа на јавниот ред и мир, спречување на казнени дела и регулирање на сообраќајот во централното градско подрачје и приградските населби. Верскиот празник „Богојавление-Водици“ ќе биде обезбедуван и од полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ со присуство на полициски службеници во патролни полициски чамци.

По повод верскиот празник Богојавление-Водици, полициски службеници ќе вршат физичко и сообраќајно обезбедување на манифестациите и во охридските приградски населби но и во останатите градови на подрачјето на СВР Охрид каде се прославува верскиот празник.

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, врши известување до сопствениците на патнички и други моторни возила за дислокација на возилата од паркинг местата на булевар „Македонски просветители“ поточно од преесекот со „Партизанска“ кон кружната крстосница на кеј „Македонија“ и на дел од улицата „Коста Абраш“. Тука е предвидено поставување на возилата со приоритет како и шатори од Црвениот крст со неопходната опрема.

На 19.01.2020 година од 06 часот до завршување на манифестацијата ќе има целосно затворање на сообраќајот за сите моторни возила освен за возилата со приоритет. Овој сообраќаен режим ќе важи и за 20.01.2020 од 10 до 16 часот.