16/04/2024
Охрид

Танеска: Лицата кои се примени на работа се професионалци и многу бргу ќе се прилагодат на работата со децата

Во врска со денешниот бојкот на наставата во ОУ „Св. Климент Охридски“ и реакцијата на дел од родителите, реакција до медиумите испрати директорката на ОУ „Св.Климент Охридски“, Наташа Танеска.

„Почитувани,

По денешниот бојкот на наставата на дел од родителите на децата од прво одделение при ОУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид, ги информираме нив, но и јавноста за следното.

Договорите на дело на трите лица кои се посочуваат во изјавите на родителите беа истечени, по што беше распишан нов конкурс, на кој можеше да се пријави секое заинтересирано лице.

Лицата кои се примени на работа се професионалци и многу бргу ќе се прилагодат на работата со децата, а и децата ќе ги прифатат доколку сите заедно им дадеме соодветна шанса и реална можност да го покажат своето знаење.

Како колектив апелираме до родителите да им овозможат на децата континуирано следење на образовниот процес и да не се продолжува со бојкотот кој го започнаа денес, земајќи ги децата од настава, особено со почетокот на второто полугодие затоа што имаме задолжително основно образование, а недоаѓањето на училиште е со закон казниво дело.“- вели Танеска.