Таневски: Предвидуваме креирање мерки за унапредување на квалитетот и содржината на туристичкиот производ

Претседателот на ОО СДСМ Охрид, Лазе Таневски, денес одржа прес-конференција, на која презентираше дел од предизборната програма на кандидатот за градоначалник на Охрид, д-р Константин Георгиески.

„Охрид е најголемиот туристички бисер во нашата земја, кој поседува прекрасна природна убавина, богато културно наследство и поволна клима. Овие уникатни потенцијали во последните неколку години се надополнети и со поголема понуда на современи сместувачки капацитети, кои заедно со долгата туристичка традиција, создаваат услови за развој на модерен туризам.

Токму затоа, Централната и локалната власт предводена од Социјалдемократскиот сојуз презема конкретни мерки, кои носат видливи резултати во овој сектор.

Кон охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ веќе се воспоставени нови директни линии до Виена, Малме и Милано, а од јули стартуваат и редовните авио линии кон Дортмунд и Меминген. Заедно со редовните линии кон Базел и Цирих, Охрид станува поврзан град преку целата година, што значително ќе влијае врз бројот на туристи и остварени ноќевања.

Исто така за охридските туристички работници особено се важни директните чартер линии од Амстердам, Брисел, Тел Авив, Варшава, Катовице, Истанбул, Ајндховен и Талин, кои според најавите ќе продолжат да оперираат и во иднина. Важна улога во напорите за зголемување на бројот на туристи имаат и меѓународните саемски манифестации, на кои Агенцијата за промоција на туризамот, редовно го промовира Охрид како атрактивна дестинација.

Свесни сме дека современите туристички текови наметнуваат потреба за поголемо и посоодветно планско и стратешко подобрување на условите за развој на нови форми на туризам и туризам надвор од шпицот на сезоната.

Затоа, во соработка со туристичкиот сектор во Охрид, предвидуваме креирање на мерки за унапредување на квалитетот и содржината на туристичкиот производ. Веќе се изработува нова Стратегија за развој на туризам, а планирана е и подготовка на нов концепт за развивање и промоција на здравствениот, спортскиот, верскиот и конгресниот туризам.

Тоа вклучува и организација на атрактивни манифестации надвор од летната сезона, како и настани за промоција на алтернативен туризам како што се посета на руралните подрачја, планинарење, велосипедски тури, летање со параглајдери, нуркање и спортови со пловни објекти.

Ние ги препознаваме приоритетите за развој на Охрид и цврсто сме определени да работиме посветено за да ги постигнеме и реализираме сите зацртани цели! Охрид има огромни потенцијали, но само низ заедничка соработка може да го направиме светска туристичка дестинација!

На 21-ви април да излеземе, да го заокружиме бројот 7 и да гласаме за нашиот кандидат Константин Георгиески, за уште една голема победа! Заедно напред, за Охрид!“ – истакна Таневски.