19/04/2024
МакедонијаОхрид

ТАВ го прослави отворањето на 4-те нови авиолинии од Скопје и Охрид и 5-иот воздухоплов на Виз ер во Скопје

ТАВ Македонија денеска го одбележа отворањето на две нови дестинации на Виз ер од Меѓународниот Аеродром Скопје – Турку и Ларнака, и поставувањето на 5-тиот авион на Виз ер во базата во Скопје. 

Со традиционална воздухопловна свеченост – воден мост во форма на виножито за првиот авион и колачиња за патниците, Меѓународниот Аеродром Скопје, попладнево го пречека првиот лет на новата директна авиолинија на Виз ер од Турку, град на југозападниот брег на Финска. Со време на поаѓање од Меѓународниот Аеродром Скопје во 06:00 часот, а време на пристигнување од Аеродромот Турку во 12 часот и 55 минути, оваа директна авиолинија ќе сообраќа во текот на целата година, два пати во неделата, односно, секоја среда и недела. 

Втората нова дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје, што исто така почнува да сообраќа од денеска, е Ларнака, град на јужниот брег на Кипар и главен град на истоимената област. Првиот лет од Скопје до Ларнака полета денес во 13:50 часот. Оваа редовна авиолинија на Визер ќе сообраќа секоја среда и недела, со време на поаѓање од Меѓународниот Аеродром Скопје во 13:50 часот, а време на пристигнување од Аеродромот Ларнака – 19:05 часот. 

Од ТАВ Македонија истакнаа дека се среќни и горди што овие нови авиолинии се додаваат на долгата листа на градови кои се поврзани со директни летови од скопскиот аеродром, како и новите дестинации од охридскиот аеродром – Дортмунд, која почна во јули, и Меминген, авиолинија што ќе почне од 2-ри август 2019 година.

-Денешната прослава по повод воведувањето на новите авиолинии до Турку и Ларнака од скопскиот аеродром, е уште еден доказ за нашата заложба како аеродромски оператор вистински да ги развиеме аеродромските и воздухопловните операции во нашата земја. Ова е уште еден силен индикатор дека македонскиот воздухопловен пазар е во подем и дека со секоја нова дестинација нашите патници се чекор поблизу до Европа и до светот, бидејќи можат да си дозволат да патуваат по пристапни цени во комбинација со одличното искуство на нашите аеродроми и во воздухопловите. Со додавањето на 5-тиот воздухоплов во базата во Скопје, авиокомпанијата Виз ер дефинитивно го потврдува успешното работење на нашите аеродроми. Турку, важен бизнис и културен центар на Финска, како нова дестинација е комплетно нов пазар за нас и веруваме дека нашите клиенти и туристите за брзо време ќе ги увидат бенефициите од оваа авиолинија, исто како што и Финците би имале шанса да ја посетат и да ја откријат нашата земја. Од друга страна, Ларнака, градот познат по морскиот брег со палми и долгите плажи, со услужниот сектор како главна економска гранка, вклучително и туризмот, ќе биде уште една атрактивна дестинација за нашите патници да ги истражат и да ги искусат убавините и природата на Кипар. Понатаму, новите дестинации на Виз ер од охридскиот аеродром – Дортмунд и Меминген, дополнително ќе го олеснат патувањето нашите патници од охридскиот регион. Генерално, активностите и резултатите на двата аеродрома покажуваат дека ние постојано работиме на зајакнување на нашата мрежа на авиолинии и се радуваме што ги додаваме овие дестинации на нашата листа на авиолинии што постојано се проширува, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Покрај новововедените дестинации, Турку и Ларнака од Меѓународниот Аеродром Скопје, како и Дортмунд и Меминген од Аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, Виз ер го додава 5-тиот Ербас А320 авион во базата во Скопје. Авиокомпанијата почна да работи од Меѓународниот Аеродром Скопје во 2011 година, а додавањето на уште еден авион доаѓа како резултат на побарувачката на патниците за услугите и како резултат на нивното успешно работење во нашата држава.

-Визер постојано ја следи побарувачката на клиентите од Северна Македонија за нови авиолинии со ниски цени за билети и одговара на неа со нудење можности за одлично патувачко искуство. Визер продолжува да биде најголемиот придонесувач за развојот на воздухопловството, туризмот и угостителството во Северна Македонија. Денес го прославуваме поставувањето на петтиот Ербас А320 и новите авиолинии од Скопје и од Охрид. Сега сообраќаме до 38 дестинации во 16 земји од Скопје. Добредојдени се сите патници да ги откриваат нашите нови и постојни европски дестинации додека ги уживаат ниските цени на Визер и одличното искуство во воздухопловите, изјави Паулина Госк, Менаџер за Корпоративни комуникации во Визер.

Само оваа година, Виз ер почна да лета до 4 нови дестинации од Скопје до: Баден-Баден, Бремен, Ларнака и Турку, и до 4 нови дестинации од Охрид до: Малме, Милано, отворени во март 2019 година, Дортмунд – од почетокот на јули, и Меминген, која почнува од 2-ри август.  Меѓународниот Аеродром Скопје моментално опслужува 44 дестинации, на кои сообраќаат 13 авиокомпании, додека на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид се опслужуваат 22 дестинации, од кои 10 се редовни авиолинии што сообраќаат преку целата година, на 13 авиокомпании. 

Детални информации за летниот распоред на летање за 2019 година на скопскиот аеродром се достапни на интернет страницата на скопскиот аеродром, на следниов линк:https://urlzs.com/htrn4, додека детални информации за летниот распоред на летање за 2019 година на охридскиот аеродром се достапни на интернет страницата на охридскиот аеродром, на следниов линк: https://bit.ly/2G3e9s1

Во текот на првата половина од оваа година, преку 1,2 милиона (1.163.667) патници патувале преку Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Ова претставува 12% пораст споредено со истиот период во 2018 година. Вкупната бројка на летови на двата македонски аеродрома, за првите шест месеци е 9.792 со 8% годишен пораст.