Тевдовски: Јавните финансии се во добра кондиција

Јавните финансии се транспарентни, јавниот долг е под контрола, а во процедура се и реформи за унапредување на јавниот финансиски систем. Ова го посочи министерот за финансии Драган Тевдовски на Конференцијата на Македонската Академија на науките и уметностите, зборувајќи за реформи во системот на јавните финансии.

Министерот посочи дека јавните финансии сега се во добра кондиција, но и дека се изготвени мерки за подобрување на системот.

– Со Програмата за реформи на јавните финансии (ПФМ) предвидени се низа мерки за поголема ефикасност и ефективност на јавното трошење, одржливост на долгот и поголема транспарентност. Преку нов закон за буџети, подобрен систем за јавни набавки, објавување на расходите на веб платформа и други мерки, ќе се подобри управувањето со јавни финансии. Со ова ќе се обезбеди стабилен и одржлив економски раст, а со тоа и подобар стандард за граѓаните – рече Тевдовски.

Министерот за финансии истакна дека по долго време јавниот долг е ставен под контрола. 

– После 9 години имаме намалување на јавниот долг на годишно ниво. Долгот е ставен под контрола. Истовремено имаме подобрување ако се гледаат каматите и структурата. Значително е намалена каматната стапка на државните хартии од вредност. Ова е резултат на зголемување на довербата на инвеститорите. Таа доверба се покажа и при издавањето на еврообврзницата. Постигната е историски најниска камата од 2,75%. Тоа е двојно па и трикратно помалку во споредба со претходно издадени еврообврзници – рече Тевдовски и додаде дека е зголемена и рочноста на издадените државни хартии од вредност, што го прави долгот поодржлив.

Тевдовски посочи и дека зголемувањето на транспарентноста им дава на граѓаните контрола над трошењето на државните пари.

– Транспарентноста е најдобриот механизам за поефикасно и ефективно управување со јавните финансии. Направивме низа чекори во оваа насока изминатиов период, што беше забележано од меѓународните финансиски институции, но и Европската Унија. Објавени се низа податоци и извештаи кои претходно не беа објавувани, направен е „Граѓански буџет“, а буџетските корисници имаат обврска да ги објавуваат договорите и анексите за јавни набавки, како и завршните сметки на своите веб страници. Преземени се и низа други мерки, а ќе се преземаат и во иднина. До крајот на годината граѓаните преку веб ќе можат да ги следат исплатите од Трезорот, а Буџетот ќе им стане подостапен преку веб-апликација и други алатки  кои ги подготвуваме – рече Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека една од клучните реформи во јавните финансии се прави во системот за јавни набавки. Со новиот закон е предвидена поголема транспарентност во јавните набавки, а во предвид ќе се зема економски најисплатливата понуда. Законот е усогласен со европските пракси.

Научната конференција која ја организираше Академијата беше посветена на идните предизвици на економскиот развој и економските политики кои се водат во Република Македонија. На конференцијата свое излагање имаа и премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев, претседателот на МАНУ Таки Фити, гувернерот на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, универзитетски професори и претставници на бизнис секторот.