29/03/2024
Македонија

Трајанов: Премиерот и министрите да се објават пред изборите

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, денес одржа прес-конференција за медиуми на која ги презентираше главните програмски приоритети на ДС за претстојните избори.

„Демократскиот сојуз во предизборната соработка со другите партии ќе се залага за афирмација и имплементација на принципите за кои се залага 20 години: правна сигурност, борба против криминалот, економски развој и полноправно членство во НАТО и Европската унија.

Демократскиот сојуз во соработка со експерти од различни области работи на нова Изборна програма, со која ќе настапи на претстојните парламентарни избори.

Главни приоритети на Демократскиот сојуз се:

1. Правна сигурност како основен предуслов за економски развој, странски и домашни инвестиции.

Во оваа насока предвидуваме уставни промени со кои ќе јакне самостојноста на законодавната, извршната и судската власт, ефикасен систем за одговорност на носителите на јавни функции и важење на законите подеднакво за сите граѓани.

Реформа на судскиот систем како гарант за владеење на правото, ревизија и реизбор на сите судии и обвинители, кривична одговорност за злоупотреба на судската и јавно обвинителската функција.

Системски промени за целосна департизација и деполитизација на институциите надлежни и одговорни за откривање и гонење на криминалот, како и за остварување на основните човекови права и слободи.

Ослободување на бизнисот од стегите на власта (слободна економија).

Гарантираме целосна слобода на говорот и изразувањето на сопствен став и мислење. Вистински слободни, професионални и одговорни медиуми.

2. Робусна борба против криминалот, конфискација на имотот стекнат на криминален начин или со користење на влијанието на власта, забрана на политичко дејствување од најмалку 10 години за секој кој ја злоупотребил довербата на граѓаните.

Основа на ефикасната борба против криминалот ќе биде проектот „ДЕКРИ“ со кој ќе отвориме војна против сите кои во изминатите 30 години го ограбија народот, вклучително и мафијата која ги труе граѓаните со енергенси и опасен отпад.

3. Посебна стратегија за младите со која ќе се овозможи младите да имаат избор дали ќе останат во Македонија или ќе заминат во странство.

Предвидуваме 2 отсто од буџетот наменети за отворање на бизнис од младите. Секој кој ќе заврши високо образование ќе може година дена да работи во приватна или во државна компанија со плата од 500 евра од буџетот на државата. Ќе има бескаматни кредити за стан или куќа и едукација на младите за отворање нов бизнис.

Македонија може да биде земја на информатиката.

Предвидуваме поволни услови за отварање на над 30.000 мали компании во кои ќе се вработат над 100.000 млади стручни кадри.

Покрај тоа, ќе обезбедиме целосна гасификација, субвенции за еколошки енергенси за греење, како и субвенции за купување на над 60.000 автомобили на електричен погон.

Демократскиот сојуз ќе предвиди и реални проекти во другите области, но и промени во изборниот модел, укинување на пржинската влада и формирање на експертска влада од државната администрација, експерти од соодветните области, од науката и бизнисот, со мандат од дваесет дена, додека трае изборната кампања.

Македонија ќе биде една изборна единица со пропорционален изборен модел и без изборен праг, ќе го намалиме бројот на министрите во Владата за 50 отсто и ќе ги укинеме поголемиот број на паралелните агенции, регулаторни тела и сл.

Предизборна соработка со други партии е можна на принципиелни основи и заедничка изборна програма, со објавување на составот на идната Влада, за да знаат граѓаните кој ќе биде премиер и кои се идните носечки министри.“  – истакна Трајанов.