Тунтев: Препораката за членство во ЕУ е признание и патоказ за идните реформски процеси што не очекуваат

Прес конференција, Томислав Тунтев, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата

Почитувани,

Пораките кои денес ги добивме од високата претставничка за надворешна и безбедноста политика на Европската унија Федерика Могерини и вчера од еврокомесарот Јоханес Хан како и исклучително позитивниот Извештај за напредокот на Република Македонија се јасен сигнал дека нашата државата се движи во вистинскиот правец.

Охрабрувањето што го добиваме од високите европски претставници и кристално чистата и безусловна препорака за полноправно членство на Република Македонија во Европската унија се признание што го добивме за сите наши досегашни напори, но и дополнителен мотив за нас да го продолжиме патот на реформите.

Позитивните оценки во Извештајот на Европската комисија се значаен успех за Македонија, која што по долги години на политичка криза и бесперспективност, изолираност, се врати на вистинскиот, на европскиот пат.

Препораката за членство во ЕУ е признание за досега сработеното, но и патоказ за идните реформски процеси кои што не очекуваат. А не очекува уште многу работа, која што посветено и уште помотивирано ќе ја сработиме со нашите пријатели од Европската унија.

Наша следна задача и цел е одлука за почеток на преговорите со Европската Унија во јуни, што ние како парламентарно мнозинство заедно со Владата ќе гледаме интензивно да ги реализираме и сработиме поставените задачи.

Во тој контекст, во насока на зајакнување на улогата на Собранието на Република Македонија, на иницијатива на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, а во соработка со Националниот демократски институт ќе обезбедиме уште поголема комуникација помеѓу пратениците и Владата. Имено почнувајќи од наредната седница за пратенички прашања што е планирано да се одржи на 26 април, во четврток, премиерот и министрите од Владата на Република Македонија, за време на паузата ќе бидат достапни за сите пратеници, вклучително и пратениците од опозицијата за во една неформална, директна комуникација, пратениците да имаат можност од прва рака да се информираат за прашања кои се од нивен интерес, секако за прашања и проблеми од средините од кој што доаѓаат, но и за да алармираат за одредени проблеми.

За да се реализира оваа идеја неопходно беше враќањето на нашите колеги од опозицијата, на овој начин сакаме да овозможиме поголема инклузивност, но и да го унапредиме политичкиот дијалог во нашата држава.

Дополнително, премиерот Зоран Заев ќе присуствува и на седницата на Националниот совет за евроинтеграции, на Комисијата за европски прашања и на Мешовитиот парламентарен комитет, што треба да се одржи наредната недела, каде што директно ќе ги информира пратениците за Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, но и за процесите и очекувањата што следуваат, и на тој начин очекуваме да ја мотивира дебатата кај пратениците за Извештајот на Европската комисија.