25/04/2024
Македонија

Турците убедливо најбројни доселеници и странски туристи во земјава

Граѓаните на Турција се на врвот на листите на земји рангирани по број на доселени странци и по бројот на туристи од странство во Македонија, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Од вкупно 2.557 доселени странци во текот на минатата година 812 биле од Турција. Многу зад нив, на второто и третото место по бројот на доселени странци се Албанија со 282 доселеници и Србија со 278 доселеници во нашата држава.

Статистичките податоци покажуваат дека минатата година во земјава имало 707.345 странски туристи, што е значително зголемување во однос на 2014 година кога бројот на странските гости изнесувал 425.314 лица.

Лани нашата држава ја посетиле 111.667 туристи од Турција, што ја прави оваа земја најголем македонски туристички партнер кога станува збор за бројот на гости од странство. Забележително е дека бројката на турски туристи значително се зголемила во однос на 2014 година кога земјава ја посетиле 63.567 гости од оваа држава.

На второто и третото место на листата земји од каде сме имале најмногу гости во минатата година се Србија со 57.460 и Бугарија со 52.659 лица. Сепак, специфично е што на листата на најмногу остварени ноќевања во 2018 година први се гостите од Турција (166.620 ноќевања), а потоа следуваат гостите од Холандија (136.663 ноќевања) и од Полска (126.613 ноќевања).

извор: мета.мк