20/04/2024
Охрид

Ученици со оштетен вид вклучени во Летната школа 2019

По потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за иселеништво и Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, оваа година при реализацијата на проектот Летна школа 2019 година, во наставата беа приклучени тројца ученици од училиштето „Димитар Влахов“. На огромно задоволство на директорот на Агенцијата за иселеништво, за прв пат се реализираше проектот, инклузија на деца со попреченост во редовната настава на проектот Летна школа.

„Особена е честа и задоволството да се реализира проектот кој на почетокот беше само идеја и за прв пат во историјата на постоењето на Агенцијата за иселеништво имаме можност да ги приклучиме децата кои имаат оштетен вид и да им дадеме можност да се дружат и бидат дел од наставата со нивните врсници од дијаспората и заеднички да дадеме пример дека доколку се има силна желба, може да се реализира замислата. Агенцијата за иселеништво и во наредниот период ќе продолжи со проектите кои ќе даваат поддршка на сите категори на лица кои се залагаат за промоција на културата, историјата и јазикот на нашата земја, како и сите оние кои ќе се залагаат за хумано, еднакво и праведно општество за сите” – посочи директорот на Агенцијата за иселеништво, Никола Шалваринов.

„Овој заеднички чекор нека биде пример за сите други институции во државата, а со тоа да се зголеми инклузијата на децата со попреченост од страна на сите институции, преку кои ќе се даде еднаква можност за партиципација на сите, каде што заеднички ќе можеме да изградиме вистински темели на кои ќе темелиме едно поинакво општество за сите граѓани. Ова е само почеток, во иднина овој проект ќе продолжи, а со тоа ќе се прошират и дејностите за соработка, како би можеле да вклучиме голем број на лица” – посочи директорот на Државното училиште „Димитар Влахов“, Горанчо Јакимов.